Ситуацијата во Куманово со корона вирусот од ден в ден станува се поалармантна, а тоа го покажуваат и последните статистички податоци од министерството за здравство каде што досега официјално се заразени 85 лица, а тројца починаа.
Во последниот извештај од ресорното министерство, во Куманово само во едно деноноќие има уште 23 новозаразени, што е за десет повеќе од главниот град. Меѓу нив се регистрирани и 11 здравствени работници, кои работат во Кумановската општа болница, со што нивната бројка достигна вкупно 15. Претходно беа заразени двајца лекари и две медицински сестри.
Како што веќе објави „Фокус„, во вторникот на скопската Клиника за Гинекологија се породи 27-годишна пациентка од Куманово, позитивна на корона вирусот. Таа после породувањето беше префрлена на Инфективната клиника, а веднаш беше направен тест и на новороденчето, чии резултати покажаа дека нема корона вирус.
Општинскиот штаб на Куманово формиран по појавата на коронавирусот, неколку пати веќе бара Владата да прогласи кризна состојба на територијата на целата општината, како и да воведе посебен режим на влез и излез од градот. Но, засега одлуката е дека нема карантин за вториот најголем град по жители после Скопје.