Ако во некои училишта фалат учебници, значи дека директорите не си ја завршиле работата – вели Јаневска

Според неа, доколку директорите не порачале доволно учебници за учениците, ќе им биде нагласено дека згрешиле. Посочи дека МОН отвора информациски систем во кој се вели – запишете колку учебници се потребни, а со тоа, како што вели, директорите се должни за секој ученик да напишат колку учебници се потребни

Состојбата со учебниците во училиштата е одлична. Директорите, наставниците и класните раководители се должни да побараат онолку учебници колку што им се потребни. Ова денеска го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање каква е состојбата со учебниците во училиштета, односно дека има родители што се жалат дека во одредени училишта нема доволно учебници по одредени предмети.

„МОН и Бирото за развој на образованието објавија за кои предмети треба, а за кои предмети не треба да има учебници. За изборните предмети, деловите од новата концепција што ние како нова влада ги прифативме, не треба да има учебници. Учениците преку интерактивна работа со наставникот ќе ги стекнуваат знаењата“,

рече таа.

Според неа, доколку директорите не порачале доволно учебници за учениците, ќе им биде нагласено дека згрешиле. Посочи дека МОН отвора информациски систем во кој се вели – запишете колку учебници се потребни, а со тоа, како што вели, директорите се должни за секој ученик да напишат колку учебници се потребни.

„Ние не им сме забраниле да искалкулираат два до три проценти повеќе. Напротив, МОН одлучиле да се обезбедат двојно повеќе учебници од бројката што тие ја побараа. И тоа е правило, и јас како министер и кој било од МОН не може да отстапи од тоа правило. Ако директорите не си ја завршиле работата, тоа не е одговорност на МОН. Но, ќе направиме напор ако некаде постои вишок на учебници да дадеме таму каде што нема“,

вели Јаневска.

Министерката на 1 септември најави дека по првпат по седум години учебната година започнува со учебници.

Единствено во основното образование, додаде таа, ќе недостасуваат учебници за странски јазици од прво до деветто поради тоа што, како што рече Јаневска, претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која сè уште трае.

За седмо, осмо и деветтоодделенците оваа година имплементацијата на новата концепција за основно образование е одложена, првенствено поради револтот на наставниците околу интегрирањето на предметите и губењето на нивната основна суштина, како и збунетоста кај учениците од материјата која им се предавала.

- Реклама -