Ако продолжи Владата вака да функционира, бројот на иселувања ќе се намали – смета Јаневска

Министерството ќе направи сѐ за да ги задржи студентите. Даваме стипендии, водиме грижа за студентскиот стандард. Во првите сто дена сме на добар пат. Ако продолжи Владата вака да функционира, очекувам дека и бројот на иселувања ќе се намали. Ова вечерва на телевизија „Сител“ го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

– Имав средба со раководства на универзитети, за да го подобриме квалитетот на образование. Сите сме согласни дека треба да се менува законот за високо образование, критериумите треба да се зајакнат. Тргнуваме од предлозите на академската заедница, потоа би интервенирало Министерството. Треба трудови со импакт фактори, треба проекти со Европската Унија, со истражувачки центри, вмрежување во европски мрежи на универзитети, верувам дека сето тоа ќе го постигнеме со тек на време. Но, ќе треба и промени во нашите студиски програми, да им станат поатрактивни на студентите. Да ги подготват за пазарот на трудот, подвлече министерката.

Таа најави сериозна анализа на потребите на пазарот на труд. Притоа, појасни дека квотите за упис ќе се одредуваат според потребите на пазарот на труд, ќе се стипендираат дефицитарните струки со соодветно обврзување, одреден дел од својот работен век да се вложи во сопствената држава.

Министерката рече дека определениот број образовни асистенти се влезени во училиштата, функционираат.

– Слушнав од неколку родители дека некаде недостасуваат, ќе распишеме дополнителен конкурс за одреден број, да дополниме, колку што дозволува буџетот. За следна година ќе определиме повисок процент на средства, рече Јаневска.

Во врска со најавен протест на образовни асистенти, кои не добиле паричен надоместок со месеци, рече дека редовно примаат, но, дека таа не е виновна за она што се случувало пред оваа влада, имало наследено неисплатени обврски.

– Асистентите воопшто да не се вознемируваат, редовно ќе си примаат тоа што им следува, подвлече Јаневска.

Таа истакна дека е навистина многу задоволна од начинот на којшто комуницираат со СОНК.

– Јас ги разбирам нивните ставови, па дури и благите закани дека ќе има протести или евентуално, штрајкови, тоа е нивна работа, како што наша работа е пак да се грижиме за буџетот како влада на државата и да го правиме она што е можно со тој буџет, истакна Јаневска.

Притоа, додаде дека имале неколку состаноци со претставници на СОНК, со премиерот, со министерката за финансии, министерот за економија, советникот за социјални партнери.

– Разговаравме неколку можности, како да направиме за да бидат задоволни наставниците. Мислам дека ќе се најдеме во блиска иднина на една повеќегодишна развојна програма би рекла, каде ние како влада би се обврзале на постојано покачување на платите на наставниците до одредена сума на нето бруто плата, односно, она што тие го бараат во однос на основната или просечната плата. Сеедно, како и да се договориме, методологијата ќе се изработи. Но, сѐ уште ни треба извесен период за да се доусогласиме и да видиме што ќе се случува и овој месец со буџетот. Очекувам дека ќе имаме некакви позитивни исходи во блиска иднина, рече министерката.

Јаневска истакна и дека Националната комисија за учебници има многу работа.

– Новиот директор на Педагошката служба ме информираше дека имаат деветстотини заостанати предмети, тоа се авторски тимови, рецензии и така натаму. Бирото за развој на образованието веќе работи на новите наставни програми за седмо и осмо одделение. Тие беа на јавна расправа, сега ги анализираат забелешките. Договорени сме во текот на идната недела да имаме средба, ние не се мешаме во стручноста, но, да си размениме информации и продолжуваме со реформите на наставните планови и програми, на спроведување на едносменска и по можност, целодневна настава што е можно во повисоки одделенија, правиме анализи и планови за доградба на училници, изградба на училишта, нагласи Јаневска.

Таа изрази надеж дека општините ќе го искористат повикот за капитални инвестиции за вложување во образовната инфраструктура.

– Оние двесте и педесет милијарди што ќе влезат во општините за доградба на училишта и подобрување на инфраструктурата за образование, ќе градиме и спортски сали, значи големи промени очекуваме. Но, се разбира, ден за ден, месец за месец, за да стигнеме до целта, подвлече Јаневска.

- Реклама -