Ако не знаевте колку е моќен авионски мотор (видео)

Ова што ќе го видите е екстензивен копнен тест при рутинска контрола на мотор на Boeing 787-8, модел Rolls Royce Trent 1000.

Турбинава тежи 5.765 килограми, долга е 4.738 метри и има дијаметар од 2.85 метри. Составена е од 18.000 индивидуални компоненти и 35.000 делови. При полетување, ѕверов (моторот, не авионот) голта по 1.25 тона воздух во секунда! Не ни помислувајте да му се најдете во близина ако не сакате да завршите во блендер.

Како и да е… Во видеово е прикажана една појава што ретко се гледа: кога воздушните услови достигнуваат одредени параметри, воздухот и влагата што моторот ги вшмукува стануваат видливи, во вид на мало торнадо.

Зошто се случува ова?

Во описот под видеото, појавата е објаснета наједноставно, за сите да можат да разберат:

Воздухот може да „држи“ одредена количина водена пара, зависно од неговата температура. Колку е потопол, толку повеќе вода може да чува. Количината на вода во воздухот е позната како релативна влажност – тоа е моменталниот процент на вода во воздухот спореден со максималната количина на вода што воздух на таа температура може да ја поднесе.

За пример, да речеме дека воздухот е 25°C со 70% влажност; ако ја намалиме температурата на 20°C, a количината на вода остане иста, тогаш влажноста ќе порасне на 95%. Ако температурата ја намалиме на 19°C, влажноста ќе достигне 100%. Тоа се нарекува „точка на росење“ (aka. dewpoint), и значи дека воздухот веќе не може да држи вода, па затоа секоја вишок количина кондензира во мали течни водени капки што ние го гледаме како магла.

Кога притисокот на воздухот (или друг гас) се намалува, температурата исто така се намалува. Кога моторот вшмукува воздух (како џиновска правосмукалка), пред него се создава мал џеб во кој воздушниот притисок е помал отколку во атмосферата. Што значи дека во тој џеб температурата се намалува, а влажноста расте.

На одредени денови, кога влажноста и температурата на воздухот запазуваат одредени оптимални параметри, падот во притисокот пред самиот мотор ја намалува температурата на воздухот под „точката на росење“. Тогаш облакот и „торнадото“ стануваат видливи. Тие постојат и претходно, само што не можеме да ги видиме.

- Реклама -