Ако на Земјата снема кислород на 5 секунди

Кислородот не е количински најприсутниот гас во атмосферата (тоа е азотот, нели), но секако е најважниот. Без него ништо живо нема да преживее. Но, сте се прашале ли некогаш што ќе се случи ако целата планета одеднаш остане без кислород, макар и на 5 секунди?

Де, де, де. 5 секунди се. Ќе издржиме да го задржиме здивот, нели? Ама во реалноста, ако се случат тие 5 секунди на планетава, резултатите ќе бидат катастрофални. Ќе се случат огромни промени.

Небото преку ден ќе стане темно

Светлината од Сонцето стигнува до површината на Земјата како резултат на многукратните рефлексии што се случуваат кога светлосните честици се одбиваат од честиците во воздухот (правот, молекулите на кислородот и другите „нечистотии“ во воздухот). Отсуството на кислород ќе значи помалку честици од кои ќе се рефлектира светлината, па небото ќе изгледа темно, речиси црно. На крајот светлината ќе стигне до Земјата, но ќе изгледа како да потекнува од извор со занемарлив ефект, за разлика од тоа што нормално го гледаме – зраците од Сонцето кои се простираат во сите насоки.

Кората на Земјата ќе се распадне 

Земјата под нас нема едноставно да распука, туку ќе се претвори во прав, до степен што ќе нема на што да стоиме. Кислородот сочинува 45% од Земјината кора. Затоа, без неговата битна состојка, земјата под нас ќе исчезне и ќе пропаднеме во слободен пад… Што нема да биде проблем ако имавме летечки коли (да се нашалиме, де).

Сите што се сончаат ќе изгорат инстантно

Озонот е целосно составен од неоргански молекули со три кислородни атоми (ознаката му е О3). Тој е гасот што го спречува најголемиот дел од UV зраците од Сонцето да стигнат до тропосферата. Без него, ќе биде како да живееме во тостер.

Секому ќе му експлодира внатрешното уво

Кога се случуваат ненадејни промени во притисокот, се јавува баротраума. Ако снема кислород на 5 секунди, ќе изгубиме околу 21% од воздушниот притисок во истиот момент, што ќе биде еквивалент како од 0 надморска висина да сте се телепортирале речиси инстантно на 2000 метри. Ушните тапанчиња ќе немаат шанса да се прилагодат и ќе се случи гореспоменатата баротраума – повреда настаната кога не може да дојде до изедначување на притисокот во простор со воздух и притисокот надвор. Тоа е како што при длабоко нуркање или летање, чувствуваме како ушите да ни се затнати. Во отсуство на кислород ефектот ќе биде налик на тоа, но од многу поголем размер. Со други зборови, страшно сериозно губење на слухот е гарантирано.

Океаните и другите водени површини ќе испарат во вселената 

Водата е составена од 2 дела водород и 1 дел кислород. Ако го изгуби кислородт (т.е. 33% од составот), водата ќе се претвори во слободен водороден гас. А како таков, со оглед дека водородот е најлесниот од сите елементи, ќе се крене во тропосферата и постепено ќе истече во вселената. Така што, дури и овој ефект да е изолиран, на Земјата ќе остане само една огромна пустина.

Возилата со внатрешно согорување ќе престанат да работат

Сите вакви автомобили (а такви се сите освен електричните) едноставно ќе застанат, бидејќи ќе нема кислород за да се случи процесот на согорување. Ако снема кислород на 5 секунди, авионите, хеликоптерите, па дури и вселенски шатлови ќе почнат да паѓаат од небото.

Сировиот метал ќе се самозаварува при контакт

Причината што металите не се самозаваруваат при контакт е што се обложени со слој од оксидација. Во услови на вакуум, металот се заварува без никаква попатна течна фаза. Тоа е и принципот кој се користи при „ладно“ заварување – при овој процес, малите метални објекти се заваруваат заедно директно, без топење на „интерфејсот“ меѓу двата објекта.

Секоја бетонска структура ќе се распадне 

Кислородот (поточно јаглеродниот диоксид) е важен поврзувач во бетонските структури, а без него, состојките не ја задржуваат ригидноста.

- Реклама -