„Ако Бугарија вистински е мајка за Македонија, време е да ги пушти Македонците слободно да одат каде и да решиле“

„Немоќна да се справи со растечката епидемија, исплашена од кревките и неплодотворни, но инаку дрски протести, владата (бугарската н.з.) се обидува да покаже мускули на темата ‘Македонија’. Сѐ почна од ВМРО, кои видоа во напумпувањето на тие хистерии шанса да си го кренат рејтингот над потребните 4% за влез во парламентот. И сега, заради едни избори напролет, Бугарија е на пат да направи капитална политичка грешка со историски последици“, пишува на својот блог, во текст што го објавија и повеќе бугарски медиуми, литературниот критичар и културулог од Бугарија, но и декан на Факултетот за словенска филологија на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија – Бојко Пенчев.

Во текстот насловен „Што сакаме од Македонија?“, Пенчев ја критикува бугарската позиција и, меѓу другото, алармира дека блокада на Македонија ќе значи предавство и на бугарските национални интереси

Понатаму, Пенчев пишува:

„Тек-тук по медиумите ќе го сретнам признанието дека бугарската позиција е неразбирлива за Европа. Така е, но таа е неразбирлива и внатре во Бугарија. Што точно сакаме од Македонците, за да им го отвориме патот кон ЕУ? Ако ги прашате Екатерина Захариева, потоа Џамбаски и на крајот некој човек од улица, ќе добиете сосема различни одговори. Притоа, Захариева и Џамбаски ќе тврдат дека ги заштитуваат позициите по кои има национален консензус. А кој е тој?

Националниот консензус ни е дека сакаме Македонците да признаат дека всушност се Бугари. Што не може да се случи и не може да биде кажано официјални и јавно. Затоа, се започнува со извртувања:

– Зошто си го нарекуваат јазикот ‘македонски’? Ние не даваме!

Како ќе си решат, така ќе си го нарекуваат, независна држава се. Дури и да е буква до буква еднаков со книжевниот бугарски, пак можат да си го нарекуваат ‘македонски’. Но тој не е еднаков. Близу 30 години во Бугарија се преведуваат и издаваат македонски автори, ‘државниците’ меѓутоа, не сакаат да ги признаат реалностите. Какво значење имаат чисто лингвистичките тврдења за блискост и разлики?! Ајде, да сакаа да си го нарекуваат јазикот ‘бугарски’, а ние да сме ‘против’, бидејќи го поседуваме авторското право, би имало некаква логика.

Прочитајте и:  Средба на Сиљановска Давкова со Орбан: Како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ

 – Требало да ги признаат бугарските корени на јазикот и идентитетот!

Молам?! Да признаат ‘корени’, нешто што е метафора?! Тоа е апсурдно! Како Борис Џонсон не се сети да тропне на маса и да побара од Белата куќа да ги признае англиските корени на американскиот идентитет.

– Во учебниците пишувало дека Бугарите се ‘фашистички окупатори’ во време на Втората светска војна.

Тоа е прашање на интерпретација. Всушност, БСП не ли призна дека кај нас имало фашизам и, соодветно на тоа, ‘антифашистичко движење’? Може ли во Бугарија да имало ‘фашисти’, а да се лутиме што Македонците ги нарекуваат ‘фашистички’ бугарските окупациски единици во Новите територии во истото тоа време?

Јасно е дека ние, Бугарите, сме воспитани да гледаме на Македонија како на збунетото дете кое тргнало по лош пат и ги заборавило своите родители. И што правиме со тоа дете? Како што се пее во прочуената песна на ‘Контрол’ (бугарски култен панк рок бенд н.з.) од почетокот на ’90-те:

Не можеш да му купиш кола
не можеш да му обезбедиш кров над глава,
ништо не можеш да му дадеш
удри со лопатата кај го стигнеш!!!

Време е нашите државници, мажи и жени, да се сетат на приказната за цар Соломон и двете жени кои се карале која е вистинската мајка на едно дете. Кога Соломон предложил да им го подели така што ќе го пресече на средина, вистинската мајка рекла ‘Земете го, само да е живо’.

Ако Бугарија е вистинска мајка за Македонија, време да ги пушти Македонците слободно да одат каде и да решиле. Сопнувањето на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ е не само просто морално неодбранливо, туку е и глупаво од геополитичка гледна точка. Предавство на бугарските национални интереси е да се работи на тоа Северна Македонија да остане разединета држава, оставена надвор од ЕУ, раздорувана од секакви конфликти и со право обвинувајќи ја Бугарија за сето тоа“, пишува Пенчев.

- Реклама -