Германскиот европратеник Јорг Мојтен побара Европската комисија да се ангажира околу прашањето за финансирањето на екоактивистите во Европа. Тој се сомнева дека зад климатските движења можеби стои Русија, пренесува „Russia Today“ на руски.
Мојтен истакнал дека влијанието на тие протести врз политиката се одразува негативно на развојот на економијата во цела Европа. Затоа тој бара Европската унија да се изјасни дали климатските движења се дел од руската „хибpиднa зaкaнa“.
„Тие кампањи, како ‘Петоци за иднината’ (на Грета Тунберг), акциите на ‘Гринпис’, цивилните спасувачки бродови во Средоземното море, се професионално организирани и имаат сериозна финансиска поткрепа… Може ли Еврокомисијата да ја исклучи веројатноста дека тие кампањи се финансирани и контролирани од Русија?“, прашал германскиот европратеник.
На 1 октомври, патем, во руската јавност беше обелоденето дека 24-годишен пратеник во руската Државна дума од редовите на либерално-демократската партија – Василиј Власов, испратил преку амбасадата на Шведска во Москва писмо до 16-годишната активистка Грета Тунберг со покана да дојде и да говори пред рускиот парламент. Пратеникот изразил восхит од силната волја и енергијата на Тунберг, истакнувајќи дека еколошките проблеми ја засегаат и руската младина. Подоцна од руската дума објавија дека еден пратеник не може да носи такви решенија, туку тие треба да бидат донесени на советот на Државната дума.
На 23 септември Тунберг одржа емотивен говор на самитот на Организацијата на обединетите нации посветен на борбата со климатските промени. Таа ги обвини државните лидери дека ѝ го украле детството и не преземале ништо конкретно по прашањето, оставајќи им ги климатските проблеми во состојба од која нема назад, на нејзината и следните генерации.