„Во текот на денешниот ден, од страна на надлежен официјален ветеринар, спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста, а извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, шест гуски, пет кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата“, соопштија од АХВ
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) преку соопштение информира дека во Зоолошката градина – Скопје е утрвдено присуство на птичји грип кај угината птица. Како што додаваат оттаму, денеска бил спроведен надзор во Зоолошката и било извршено хумано убивање на некоку видови птици.
„По угинување на една гуска лоцирана во езерцето во Зоолошка градина – Скопје и поставен сомнеж за болеста авијарна инфлуенца (птичји грип), по лабораториско тестирање на угинатата птица, со лабораториски резултат од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје од вчера потврден е случај на присуство на виосокопатоген сој на вирусот на птичји грип Х5Н1. Во текот на денешниот ден, од страна на надлежен официјален ветеринар, спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста, а извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, шест гуски, пет кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата. Наредени се мерки согласно Законот за ветеринарно здравство и Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца“,
соопштија од АХВ.
Со цел сузбивање на болеста и спречување на нејзиното ширења надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето, како што нагласуваат од АХВ, забранет е влез и излез на животни од зоолошката градина, ограничено е движењето на посетителите, наредени се мерки за дезинфекција, наредено е испитување на другите птици присутни во зоолошката градина, зголемени се биосигурносните мерки и други мерки.
„Мерките ќе бидат на сила 21 ден почнувајќи од денес, период во кој и зоолошката градина ќе биде затворена за посетители. Последните случаи на појава на високопатогена авијарна инфлуенца беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, место Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош“,
прецизираат од АХВ.
Авијарната инфлуенца или птичји грип е болест предизвикана од вирусот на грип/инфлуенца тип A од фамилијата Orthomyxiviridae, која може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина. Дивите птици се познати како резервоари за вируси на птичји грип, главно од ниско патогени соеви. Затоа на глобално ниво се спроведуваат мерки за надзор, следење, појава и карактеристика на вируси на птичји грип кај дивите птици иако поголемото мнозинство на овие вируси не предизвикува болест.
Високопатогените соеви на вирусот се патогени за живината, но како зооноза болеста може да се пренесе и на луѓето. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако е повеќе години во циркулација во земјите од ЕУ.