На лидерската средба во Собранието доминирала отворена и конструктивна дебата, во смирена и рационална атмосфера, оцени лидерот на Демократската унија за интеграција – Али Ахмети. Тој оцени дека треба да продолжат ваквите средби, сѐ до приближување на разликите меѓу политичките партии, пред сѐ политичкото „мнозинство и малцинство“, кои, како што рече, ги има.
„Се дебатираше за сите теми. Според моите процени, не мора да значи дека на една средба треба да ги оценуваме сите разлики, и се разбира дека разлики имаше, меѓутоа се надевам дека оваа средба нема да биде последна, туку да се продолжи со ваквите средби сѐ до приближување на разликите кои што постојат меѓу политичките партии за да се гради заедничка стратегија за тоа како да ја промениме денешницата со еден подобар напредок и прогрес во иднина. Доминираше смиреноста и рационалноста и тоа ми остави впечаток од оваа средба. Посакувам оваа смиреност да продолжи до приближување на разликите меѓу мнозинството и малцинството“, рече Ахмети.
Ахмети истакна дека на средбата упатил апел да се надминат носталгиите и да се вратиме на рационалност и разумноста, затоа што, како што вели, доколку се отворат прашања кои што припаѓаат на минатото, тешко дека ќе можеме да се определиме за иднината.
„И секое минато кое што ќе се отвори не служи на иднината и не служи на идните генерации и поколенија. Ние имаме потреба од повеќе конкретни чекори кон Европската унија и ние сме тие кои што бараме да бидеме дел од оваа унија, затоа што нам ни се поставуваат услови за членство – владеење на правото, судски реформи, борбата против криминалот и корупцијата и никој над законот. Доколку ги исполниме овие услови, не само на телевизиските екрани говорејќи поетски изрази, туку делувајќи институционално до целосен вистински ветинг за нашата држава да зачекори и да напредува напред“, посочи Ахмети.
На новинарско прашање дали на средбата е разговарано и за барањето за бришење на формулацијата „20 проценти“ од Уставот, Ахмети рече дека е разговарано, но треба да се видат приоритететите во ситуацијата во која се наоѓаме.
„Да, се разговараше, меѓутоа над сѐ приоритет се даде на уставните измени и штом се отвори една таква дискусија се разбира дека треба да се видат приоритетите во ситуацијата во која се наоѓаме и за тоа ќе градиме ставови околу оваа прашање“, рече тој.
Ахмети не смета дека дека тоа што се случува во северот на Косово може да влијае во земјава.
„Македонија е стабилна држава и е во значајни процеси и сите заеднички без оглед на разликите да придонесеме за зајакнување на мирот, стабилноста, безбедноста и јас не гледам ништо опасно во оваа насока“, рече Ахмети.
Извор: МИА