Пописот закажан за во април тогаш и ќе биде спроведен, односно нема да има негово одложување, изјави лидерот на Демократската унија за интеграција – Али Ахмети, одговарајќи на новинарско прашање по свечената академија по повод независноста на Република Косово, пренесува МИА.
Според него, не постојат никакви причини за одложување на овој, како што рече, статистички чекор, чекор што треба да се направи бидејќи се бара од меѓународните организации како Евроската унија и ЕУРОСТАТ, за да имаат точни статистички информации како институции во ЕУ.
Причини Ахмети не гледа ниту за предвремени парламентарни избори, затоа што сѐ си функционирало нормално:
„Сметам дека предвремени избори се организираат во случаи на кризи, нефункционирање на Парламентот, блокирање на институциите. Такво нешто нема и и во иднина мислам дека нема да има, бидејќи не се во интерес ниту на државата, а ниту на партнерството, во овој случај“, рече тој.
„Парламентарното мнозинство функционира во рамки на нормалноста. Воопшто нема судири или разлики меѓу коалициските партнери. Секако дека има разлики за одредени теми, но добрата работа е што на крајот за сите прашања се постигнува консензус. Нема никаква потешкотија во функционирањето на оваа партнерство, коалиција и воопшто не се размислува и нема никаква причина за ново парламентарно мнозинство. Сѐ си функционира во рамките на нормалноста. Не е дискутирано и не се размислува за реконструкција на Владата“, додаде лидерот на Интегративците.