Ахмети: Од високи функционери имав понуди да се подели Македонија, но не прифатив

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, вели дека порано му била понудена поделба на Македонија врз етнички линии, но дека ја одбил таквата понуда.

Тој во интервју за „ABC News“ изјави дека неговата партија нема да прави коалиција со ниту една друга албанска или македонска политичка партија и на изборите ќе излезат сами.

„Секоја поделба на оваа земја ќе биде штетно, многу штетно за Албанците, но и за Македонците. Оти не може да се поделат работите како со нож. Ќе имаше малцинства и таму и ваму. Ќе се отвореа нови рани. Ние не прифативме поделба на Македонија. Јас сум им кажал и на македонските политичари дека оваа држава е моја, колку што е и нивна. Сакам да ги имаме нашите симболи и јазик. Ние ги постигнавме овие цели. Имаме универзитет, јазик во Собрание и институции и наши симболи“ – истакна Ахмети.

Во интервјуто вели дека понудата за поделба му ја нуделе високи функционери.

Во 2014 година Ахмети во интервју за албанската телевизија Клан рече дека поделбата на Македонија му ја нудел поранешниот македонски премиер, Љупчо Георгиевски, во времето додека Ахмети беше дел од ОНА во 2001 година. На маса биле Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, и Липково, кажа тогаш Ахмети. Според овој план, како што објасни тогаш, 60.000 Македонци би биле иселени од овој дел на Македонија, кој би се споил со Албанија.

- Реклама -