Лидерот на ДУИ – Али Ахмети, вели дека добро ги разбира косовските власти, но посочи дека не може да се оди напред со вековна одмазда. Во интервју за АБЦ Њуз со новинарката Линда Карадаку, Ахмети истакна дека опциите се две: или помирување, или продолжување со одмазда.
„Не велам дека со Србија е толку лесна тема, бидејќи Косово сѐ уште ги брои исчезнатите луѓе што не можеше да ги најде. Но, со вековна одмазда не се оди напред. И Албанија има свои синови кои загинаа во Косово. Впрочем, Албанија во 1913 година има илјадници луѓе убиени, северна Албанија е изгорена. Потребно ни е помирување помеѓу албанската и српската нација или одлучуваме да се одмаздиме. И што ќе ни донесе одмаздата? Имаме два правца, трет нема – дали ќе се согласиме или ќе ја повториме историјата уште еднаш и ќе бараме кој е посилен“, истакна Ахмети.
Тој се осврна и на иницијативата „Отворен Балкан“, оценувајќи дека таа е продолжение на Берлинскиот процес и оти го подржуваат и ЕУ и САД, додавајќи дека е значаен бидејќи ги приближува земјите до европските вредности.
„Поединци од дијаспората ни рекоа дека сакаме повторно да ја создадеме Југославија. Јас ги прашав колку чекаат на граница кога доаѓаат, тие ми рекоа пет часа, а јас им реков дека со оваа инцијатива нема да чекаат ни минута. Доколку оваа иницијатива им штети на Албанците, може да излезете од неа“, изјавил Ахмети.