Агенција за храна: Во Македонија нема мед од Кина, се продава и увезува само квалитетен и безбеден мед

Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира наводите на претседателот на Пчеларски сојуз на Македонија, Менде Трајковски, кој според АХВ неосновано тврди дека македонскиот пазар е преплавен и низ маркетите се продава фалcификуван неквалитетен мед од Кина.

Од АХВ најодговорно тврдат дека во земјава се увезува безбеден и квалитетен мед и дека на македонскиот пазар не се продава мед со потекло од Кина. Увоз на мед од Кина немало ниту лани во 2019-та, а ниту во 2018-та година, тврдат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од лани увезените 35 пратки мед со вкупна количина од 220.515 килограми, истакнуваат од АХВ, најголемиот дел – односно 29 пратки од вкупно 156.238 килограми мед, биле со потекло од соседна Србија. Понатаму, 3 пратки (вкупно 63.000 килограми) се увезени од Молдавија, 1 пратка (1.151 килограм) е увезена од Австралија и 1 пратка (од само 126 килограми) е увезена од Франција.

Од АХВ потенцираат дека сите пратки со мед при увоз во земјава подлежат на задолжително лабораториско испитување, при што, освен што се контролираат резидуи и контаминенти, се одредува и квалитетот на медот, начинот на пакување и означување, како и утврдување на евентуално недозволено присуство на антибиотици во медот. Во ниту една од сите досега земени мостри не се евидентирани отстапувања по однос на овие параметри, велат од АХВ, порачувајќи дека медот што се увезува во земјава е безбеден и квалитетен.

И во 2018-та најголем дел од вкупно увезените 420.349 килограми биле од Молдавија – 252.000 килограми, потоа од Србија – 168.504 килограми, и од Франција – 145 килограми.

- Реклама -