Агелер: Северна Македонија се потврди како лојална членка на НАТО во помошта кон Украина

Северна Македонија ги потврди своите вредности како лојална земја членка на Алијансата. Таа е четвртата земја која по број на жители и помогна на Украина, и тоа не само со воена опрема, туку и преку други начини на асистенција. Ние сме многу благодарни, искрено многу други побогати земји не помогнаа на начин на кој помогна оваа земја, истакна американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за ТВ Канал5.

Таа им се заблагодари на граѓаните и институциите на земјава што ја поддржале Украина и нивните напори, преку НАТО и преку други начини против, како што рече, ужасната, бруталната и крвавата инвазија на Русија и Путин и војната која трае речиси две години.

На прашањето дали претседателските избори во САД годинава може да влијаат на динамиката на помошта кон Украина, Агелер одговори дека не постои замор и дека во изминатите денови  Сенатот ја одобри помошта во вредност од 61 милијарди долари намената за Украина, а сега е на ред Претставничкиот дом.

-Она што е важно е дека во САД, исто како и во Северна Македонија, имаме избори оваа години и затоа секогаш ќе има определени политичари кои ова прашање ќе го искористат за добивање политички поени, преку правењето ова прашање да биде контроверзно. Јас силно верувам дека граѓаните на САД силно ја поддржуваат Украина, заштитата на нивниот суверенитет и обидите да се заврши војната, затоа сум прилично убедена дека ќе продолжиме со помошта, исто како што сум убедена дека граѓаните на оваа земја ќе ги направат истото, истакна амбасадорката на САД.

Дали ако не се реши набрзо конфликтот во Украна, има опасност да се прелее и да го загрози Западниот Балкан кој и онака е ранлив, Агелер одговори дека тоа е важно прашање зашто војните и конфликтите не стојат во границите.

-Ова започна со инвазијата на претседателот Путин и руската армија во Украина. Влијанието од ова веќе го чувствуваме, односно економски последици, социјални последици веќе се чувствуваат во целиот свет. Македонија е европска држава, а во Европа има војна, а тоа има големо влијание низ целиот континент. Затоа е императив, и покрај тоа што трупите не ја преминуваат границата утре, да се знае фактот дека НАТО ги заштитува своите земји членки. Знаејќи го тоа и местото кое го има оваа земја во Западниот Балкан и Европа е многу важно. Никој не е безбеден, Путин нема да се откаже доколку не е победен, рече Агелер.

Во однос на укажувањето од заменик генералниот секретар на НАТО дека во пресрет на изборите во нашата земја се очекува зголемена активност на хибридните закани, амбасадорката апелираше дека е важно македонските граѓани да знаат нив да ги препознаат.

– Хибридно не значи дека пешадија ви влегува преку границата, но дали е мешање во пресрет на изборите или е дезинформација, знаеме дека Русите се тука во овој регион, практикувајќи злонамерно влијание кое сме го виделе искрено во целиот свет. Во моментов нивните дејства ги гледаме и во САД, а имаа и влијание во нашите претходни избори. Тие се многу активни и ја користат секоја можност за да шират хаос. Според мене, најважната работа е граѓаните на оваа земја можат да го препознаат тоа, да се едуцираат за ова прашање, да поставуваат тешки прашања за политичарите, за кандидатите, но и да знаат дека можат да се потпрат на новинарите, за да им се помогне да можат да ја препознаат вистината и лажните информации и да ја донесат нивната одлука заснована на реалноста, што се случува и кои се кредибилните информации, рече амбасадорката на САД во интервју за ТВ Канал5.

- Реклама -