Агелер: Одлуките на САД за црната листа се базираат на информации собрани во земјава, не во Вашингтон, тие се достапни за институциите

„Американската амбасада не може да ѝ кажува на која било институција во земјава што треба да презема, но ние бевме способни да најдеме значителни и важни докази за овие поединци да ги повикаме на одговорност и бевме способни тие информации да ги најдеме и собереме тука во оваа земја. Ова не се базира на информации собрани во Вашингтон, тие информации се достапни тука за институциите во земјата да ги развијат тие случаи и дали, како и кога ќе го сторат тоа, останува на властите тука. И се надевам дека сите разбираат дека овие поединци пред сѐ вршат штета врз граѓаните на оваа земја“, изјави денеска американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер на прес-конференција, на новинарско прашање да даде оценка за реакцијата на властите по ставањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на „црната листа“ на САД.

За потсетување, по таквата одлука, на Мерко „му беа замрзнати“ партиските функции во ДУИ, но тој сѐ уште е на градоначалничката позиција. Откако се најде на црната листа, Јавното обвинителство соопшти дека врши вонреден надзор во 30 заведени предмети против Мерко, како и во предметите поврзани со работата на Општина Струга во периодот кога тој ја вршел функцијата градоначалник. Најстарите завршени постапки датираат од 2006 година, при што и во еден дел од веќе решените предмети, Комисијата која вршела увид, како што информираа од ЈОРСМ, испратила укажувања до јавните обвинители во однос на нивното постапување.

Агелер, во одговорот, потенцираше дека овие поместувања на црната листа на САД се неполитички и неперсонални и поврзани исклучиво со американските закони.

„За тоа што тие поединци прават тука во земјава, за реакцијата во однос на нивните постапки, тоа е целосно до нив и верувам дека тука огромна улога имаат и медиумите и јавноста. Нема да доаѓаме во Северна Македонија и да апсиме некого или да отвораме случај против некого, но интересно е да се види какви активности следуваат тука по означувањата“, рече Агелер.

Во врска со американскиот тим за санкции, амбасадорката напомена дека тимот веќе бил тука и дека информациите кои ги собрал се преку активностите на Амбасадата со нејзините партнери, со истражните органи на земјава, со праводуството.  Дали повторно ќе доаѓа, Агелер рече дека нема конкретен податок, но нагласи дека тоа е согласно нивните регуларни и планирани активности.

Стејт департментот минатиот месец го прогласи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за непожелна личност за влез во САД, поради негова вмешаност во значајна корупција.

„За време на неговиот градоначалнички мандат, Мерко злоупотребил фондови и се мешал во правосудните и другите јавни процеси, нанесувајќи штета на тој начин на довербата на јавноста во демократските институции и претставници. Денешната акција испраќа порака дека САД стојат заедно со Северна Македонија за зајакнување на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на слабостите во владеењето на правото“, беше истакнато во соопштението.

Минатата година САД на својата „црна листа“ ги ставија и поранешниот премиер Никола Груевски и екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков заради нивна вмешаност во „значителна корупција“.

„Нивните постапки ги поткопаа владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја намалија вербата на јавноста во нивните влади“, беше наведено во тогашната одлука на САД.

Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот ги санкционираше и членовите на нивните потесни семејства, кои добија забрана за влез во Америка. Претходно на „црната листа“ на САД беа ставени и Љубе Бошкоски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.

Од вчера друштво им прави и Орце Камчев.

Извор: МИА
Фото: Амбасада на САД

- Реклама -