Агелер: На „црната листа“ во следните месеци ќе видиме едно или две имиња

Нема една „црна листа“ туку постојат повеќе листи кои се прават и постојано се ажурираат во Вашингтон, посочи денеска американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, по денешната посета на Истражниот центар при Основното јавно обвинителство Скопје, одговарајќи на новинарски прашања за американската листа за санкции против лица кои се дел од корупцијата во земјава.

„Постојат повеќе видови на санкции што САД ги воведуваат. Овие листи се многу динамични. Тоа е постојан процес, бидејќи корупцијата во своите многу форми се случува секој ден. Има луѓе кои се вредни за разгледување, и бидејќи системот во Вашингтон е особено правно внимателен, бара време и бара истражување на наводните криминали за да се осигуриме дека нема да ставиме некој на листа на која не припаѓаат. Верувам дека во следните неколку месеци ќе видиме едно или две имиња и тоа ќе биде процес што ќе продолжи“, изјави Агелер.

Според Агелер, тоа е процес што не завршува и нешто за што Амбасадата на САД е во постојан контакт со Вашингтон и ќе продолжи да работи секој ден.

„Постојат повеќе видови на санкции што САД ги воведуваат. Некои се финансиски и може да бидат особено ефикасни, додека дел се поврзани со визи и други правни механизми“, појасни Агелер.

Во Вашингтон, посочи Агелер, се разгледува сите можни форми и една личност може да се најде под повеќе категории на санкции.

МИА

- Реклама -