Агатангел до младите: Венчајте се, не ја чекајте пандемијата!

Во послание до „благочестивиот македонски народ“, Митрополитот Агатангел од Повардарската епархија, пред неколку дена, порача младите да не ги откажуваат венчавките поради пандемијата. Мора да направиме усилија, како што вели, животот да тече нормално, со претпазливост, но без паника.

Но, истовремено, Агатангел наведе и неколку други причини кои, впрочем, се типични и познати ставови на црквата, а не се компатибилни со модерното време (или модерното време не е компатибилно со нив, за кого како). Во посланието, Агатангел се обидува тоа да го промени.

Го пренесуваме во целост:

Возљубени чеда, од богомдаруваната ми епархија, новата заразна болест, која се прошири низ целиот свет ни го поремети животот на сите, ни ги измени сите планови. Како христијани не смееме да кукаме и да се плашиме, туку да најдеме нов начин на живеење. За последните времиња во Евангелието се вели дека „луѓето ќе се женат и ќе се мажат“, односно, животот ќе си тече како и обично, па така, и во текот на пандемијата, мораме да вложиме усилија, да си го живееме животот со претпазливост, но и без паничен страв.

Многу млади парови планираа годинава да се венчаат, да го исполнат сонот на нивните родители, да започнат самостоен живот, но, како што рековме, пандемијата ни ги поремети плановите. Многумина ги одложија венчавките, затоа што не можат да направат свадба во ресторан. Во оваа прилика би сакал да алармирам на неколку моменти.

Прво искушение е возраста на младите. Голем процент од младите парови се околу 30 или над 30-годишна возраст. Тоа е тренд кој трае во последниве 2-3 децении, но истиот тој тренд создава големи проблеми понатаму, како што е бездетноста. Сите живи созданија си имаат свој биолошки часовник, имаат време на растење и созревање, време на раѓање и стареење, и време за умирање. Кога стапуваме во брак над 30 годишна возраст, тогаш треба да сме свесни и за ризикот кој си го носат годините.

Второ искушение е трпението. При венчавањето на младите Бог им дава благодат за брачен живот, им дава сила да ги истрпат сите искушенија на брачните луѓе. И затоа предбрачна врска лесно се раскинува, додека бракот е свет и благословен и потешко оди тоа разделување. Затоа, оние кои намислиле да стапат во брак, нека не го одложуваат денот.

Трето искушение е неверството, кое сѐ повеќе го има, и од кое настануваат огромни страдања и последици. Сопружниците после неморалното однeсување во бракот, секако ќе си најдат пак нови партнери, но, доколку имаат деца, сиот товар од неблагословениот развод паѓа врз главите на децата, и токму тие најмногу страдаат. Најголем број од децата зависници, децата со депресии – потекнуваат токму од такви распаднати семејства.

Четврто искушение е абортусот, што девојките го вршат во младоста, поради предбрачните односи, но и жените во брак, од безброј причини. Но, вината и последиците паѓаат и врз несреќниот не-татко, кој се согласил или инсистирал на абортус, како и на сите кои влијаеле на одлуката за абортус.

Имајќи ги предвид овие закани, со големи последици, ве повикувам, сите вас, млади, кои планирате да стапите во брак, да не го одложувате тој момент, туку и без свадба да се венчате во црква, да добиете благослов Божји за брачен живот, па свадбата нека биде догодина, заедно со крштевката. А кога сме кај крштевките, исто така апелирам да ги носите децата на крштевање додека се мали, се разбира, со помалку луѓе, бидејќи, ако го одложите крштевањето, тоа може долго да потрае, а децата растат, почнуваат да се плашат и да се срамат, и може да останат некрстени.

Сите вие млади, кои имате веќе 20 години, ве повикувам да бидете совесни и одговорни во вашите врски. Од менување на многу партнери и партнерки нема да добиете голема полза, освен гревовен товар, кој подоцна ќе ви се одрази во животот. Бидете внимателни еден кон друг, не се повредувајте, не се навредувајте, никако да не абортирате, никако да не се изневерувате, независно дали сте во брак или во врска, и подготвувајте се за брак во помлада возраст, за да можете да добиете деца, но и да видите чеда од вашите деца. Векот е сѐ пократок, и да не го губиме времето на непотребни нешта. Како духовен родител на оваа епархија, се молам, Бог да ве просветли и да ви го исчисти патот од сите препреки, и со Негов благослов да стапите во стабилна брачна заедница. Амин.

Извор: povardarska-eparhija.org.mk

- Реклама -