Двете големи имиња на африканската музика, BOMBINO еден од клучните претставници на прославениот „пустински блуз“ и BCUC, познати по својот афро-психоделичен транс и импресивните настапи во живо, вечерва и утревечер ќе го отворат дваесет и третото издание на ОФФест.
„Гитаристот од Нигер Омара ‘БОМБИНО’ Моктар е феномен, човек со приказна. Во неговата родна земја, тој е вистински култен херој меѓу младите Туарези, способен да го долови звукот на африканската пустина со неговите дисторзирани гитарски мелодии. Заедно со Tinariwen, Mdou Moctar и Vieux Farka Touré, Бомбино е предводник на експлозијата на високозаразниот пустински блуз/рок во светот последниве години. Неговата музика ја става гитарата во центарот на звучниот пејзаж, кој е комбинација на традиционалното и модерното. Експерт за создавање волшебни ритми, Бомбино ја слави културата на Туарезите, чувајќи ја од заборав. Во моментов, Бомбино го промовира својот седми албум „Sahel“, кој излезе минатата есен за култната Partisan Records. Без оглед на животните предизвици, Бомбино постојано граби напред во својата мисија да ја користи музиката за ширење љубов, разбирање, како и прекрасната туарешка култура низ целиот свет.
Афро-психоделичниот септет БИ-СИ-ЈУ-СИ (Bantu Continua Uhuru Consciousness) е супергрупа од Совето, Јужна Африка, која ја доживува својата музика како хедонистички транс, но и како оружје за политичко и духовно ослободување во согласност со борбата за правда на претходните генерации. Звукот на БИ-СИ-ЈУ-СИ е истовремено современ и оригинален, самоуверен и моќен. Тој е исполнет со фанки грувови и хип-хоп сензибилитет, но и со репетитивни бас рифови, флејти и галопирачки ритми, како директно оддавање почит на надежта и борбениот дух на претходните генерации. Групата пее и зборува гласно за суровата реалност со која се соочуваат сиромашните работници во Јужна Африка, но во исто време, БИ-СИ-ЈУ-СИ не ја прикажува татковината како сиромашна, туку богата со традиции, ритуали и вера. Кога БИ-СИ-ЈУ-СИ настапуваат во живо, тие ја вовлекуваат публиката во вистински транс. Во моментов го промовираат албумот „Millions of Us“ (2023), кој доби одлични критики ширум светот.