Застанат бев пред излог и се ѕверев у два артикли. Лево на излогот, комплет долна и горна црна Адидас тренерка и десно една комбинација на Армани фармерка со струкирана бела кошула…Уф брат, ова тренеркава да може да збори гарант навија за МЗТ и некаде до Железничка тера денска шема, пркосно и за инат на фармерката и струкираната кошуља која пие кафе у строг Центар, поготово на улица „Македонија“ и „Ленинова“.
Не дека не е симпатична оваа комбинација со фармеркава и кошулкава, али лабав тип сум по природа, не им се замарам на коконите и на нафирцаните шмизли кои се дотеруваат и кога идат по цигари! Се осеќам „in“ у спортска комбинација а башка сум од Аеродром и никој нема да ми замери шо не го удостојувам кафето и му маам строга контра у спортска варијанта.
На намуртени комшии никад не им кажувам ДОБАР ДЕН и кондури никад не облакам за преку ден. Не му давам на некој намќор, школован у Кумровец на кого жена му не му дала пи*ка да ми ја вади од организмот цела позитивна енергија која ја собирам од синото небо. Сино е небото, сини се боите на МЗТ..Само Вардар е матен. Мислиш у него се перат човечките души. Затоа носењето тренерки ни доаѓа нешто као локал-национален спорт пошо со нив у Аеродром нема никој да те погледне попреку ако седнеш да попиеш кафе или некое пиво. Плус и билтенот под мишка и се осеќаш као дома. Те сакам Скопје! Те сакам мое маало….
Се прашувам што би се десило со мојата репутација и со мојот углед доколку мојата ценета тренерка реши да ме прошета до улица Македонија на кафе? Првата мисла на онаа фела која се смета за урбана, ќе биде КОЈА ВСЕЛЕНСКА МАШИНА ГО ИСТОВАРАЛА МЛАДИЧОВ ТУКА?
Кој дрзок морон би бил кога би пробал да го нарушам модниот тренд на гордиот Центар кој своето кафе го поштува до милиметар, од пета до глава. Ла Коста патика, Армани фармерка и бела струкирана кошула. Јас сум дрзок морон али истовремено сум и обезправен и дискириминиран својот ,,клошарски’’ аутфит да го терам во центарот на градот. Види ја онаа дотерана фела! Класиката у мое маало и во било кое друго место у градов може слободно да пие кафе без да биде гледана со двоглед. Дури и црната ципела и белата чарапа ќе си го најдат своето место. Проѕирната хеланка од Бит Пазар и к*рвинската тигреста комбинација и извадените конци од танга гаќите над струкот го имаат тоа право. Оние црвени прслуци испод проѕирните блузи како и оние стреч маички на набилданите глави на кои со дреч букви стојат некои чудни натписи исто така го имаат тоа право! Само ја и мојата Адидас-ка сме дискриминирани и го јадеме сељачкиот стереотип. Абе со најлони и одело на Пинк Пантер оди шетај низ град само не со тренерка. Тренерка и влечка лајнарка не! Никако сељак еден!!!
Аеродромските женки, а во глобала и сите останати у градов сакаат да бидат нафирцани од рано насабајле до касно навечер а најчесто спроти себе добиваат фраери кои носат Адидас, Пума тренерка и не ги зарезуваат два посто. Џабе толку се занасаат и паѓаат у транс преку ден, кога младичите и онака има да им го измерат газот без разлика дали носеле тренерка и патика или панталона и ципела. Чуму тоа китење на моите ценети женки рано посабајле? Може да е лабаво и не мора да се гужва од рано посабајле. Скупа е струјата да се пегламе нон-стоп.
Кучето и мачето да идат да го покаат пред зграда тие сакаат да се дотерани ко на модна писта. У аптека коа идат штракаат со штикли, по леб коа идат штракаат со штикли, ѓубре кога фрлаат, пак штракаат со штикли. На секој е*ан чекор тие штракаат со штикли. Од Плоштад Македонија до Железничка тие знаат како треба.. Само ние од оваа страна на Железничката ,,не знаеме”. Јеби га. Духот на мојот град се прелива во разни нијанси па секако ќе си останеш горд на својот град и доколку тркалаш гуми, крадеш раткапни, имаш тезга на бувљак, продаваш кромид на пазар или држиш елитен ресторан или ноќен клуб!
Доколку го дишиш отровот од Железара и Цементара, доколку пецаш риба на састав у Ѓорче, набљудуваш ѕвезди на чистото небо у Радишани, Бутел , Водно или јадеш у пекарата у Чаир… Дали си навивал за Работнички, МЗТ или Вардар, дали чуваш канаринци и биљбиљи или шеташ некоја Дога или Ротвајлер, се едно. Дали цепаш на жаргон или на одвратен дијалект. Од Скопје си. Останува уште мојата Адидас тренерка да се избори за своето право да може да пие кафе и пиво во Центарот на градот без притоа да го покажат со прст СЕЉАКОТ ОД АЕРОДРОМ. Не барам многу нели? А класичната гардероба може и понатаму да се поштува секако….На оној кому таа му прилега и му лежи рано по сабајле, of course….
Напиша: Булеварко