Адвокатот се откажа од Палевски…

Додека граѓаните поминуваат низ колективна траума, во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за трагедијата која се случи во 2023 година. Продолжи судењето за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски со распит на Велибор Манев. Манев откри нов момент, послушник на првообвинетиот Љупчо Палевски, го уништил пиштолот со кој е пукано во жртвите и трите мотороли кои биле во сино ранче. Второобвинетиот Велибор Манев посочи дека досега не го открил овој момент и не кажа за кого станува збор затоа што сакал да го заштити човекот бидејќи не учествувал ниту во грабнувањата, ниту во убиствата. Манев кажа дека Палевски знае за кој човек станува збор, додека пак одбраната на Палевски го негира ово исказ.

Јовица Страшевски-адвокат на Љупчо Палевски: „Лаже Велибор Манев, затоа што му поставив прашање да го открие кој е човекот кој го крие. Ако има доблест да каже да ги издаде своите другари со кои бил заедно и нив да ги заглави затоа што и тие се фамилијарни луѓе, а крие некој кој би го сокрил најголемиот чин на убиството, тоа е невозможно да го прави некој човек-освен да лаже.“

Велибор Манев детално одговараше на прашањата кои му беа поставени. Во судницата кажа дека Палевски го натерал да ја одлепи ленатата од устата на Вања за да може да ја слика со вперен пиштол, а сликата да ја прати на родителите од кои сакал да побара поголема сума.

На прашањата кои му беа поставени од страна на Палевски одговори за алатот и за дејствијата кои ги презел Палевски.

Велбор Манев-обвинет: „Веднаш по закопувањето на Вања и пред да ги ставиме алатите во возилото, Палевски ги чистеше од рачка до метал со WD40 за да ги прикрие трагите. Лопатата со која ја закопавме Вања ја фрливме во дол на пат кон Глуво, кога одевме да го запалиме автомобилот на Панче Жежовски. Беше комплетно нов алат. Откако завршивме со закопувањето на Вања, Љупчо Палевски ладнокрвно запали цигара. Тогаш го отвори телефонот и виде дека е кренета џева на интернет, дека се бара Вања.“

Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој се наоѓа на обвинителна клупа затоа што според Обвинителството давал информации за Вања за нејзиното движење, до Манев постави едно прашање.

„Александар Ѓорчевски: Што се случи? Зошто ми го убивте детето?

Велибор Манев: На тоа прашање не можам да одговорам. Треба да го прашате Палевски-тој што го изврши убиството.“

Велибор Манев и на минатото рочиште и денеска повтори дека не го познава Александар Ѓорчевски и никогаш претходно ниту го видел, ниту имал некаков контакт со него.

Владимир Туфегџиќ-адвокат на Александар Ѓорчевски: „Јас како бранител сум задоволен од исказот на Велибор Манев бидејќи тој го кажа токму она што е теза на одбраната дека Александар нема апсолутно никаква врска со овој криминален чин и настан и големо знак прашање е како и на кој начин е дојдено до тоа да целосно да се дефокусира истрагата и да се насочи кон човек кој апсолутно нема никаква врска со овој настан.“

Судењето за убиствата на Ѓорчевска и Жежовски продолжува во понеделник.