Адвокатот Кузмановски: Дали уставните судии паднаа на испит за законот за облигациони односи?

Фаворизирање на неплаќачите наспроти оние кои навреме ги подмируваат своите обврски, поттикнување на мотивација за изнаоѓање на начини како да не се платат обврските, создавање правна несигурност и низа други негативни состојби се последиците од одлуката на Уставниот суд, со која беше отфрлена иницијативата за преиспитување на уставноста на измените на Законот за облигациони односи, кои беа донесени во јули минатата година.

Со одлуката на Уставниот суд, дефинитивно „паѓаат во вода“ околу 350.000 предмети, кои се дадени на извршување до 2013 година, а побарувањата по нив никогаш нема да бидат наплатени, со што директно се нарушува елементарното право на сопственост на граѓаните и компаниите. Според подносителите на иницијативата за преиспитување на измените на Законот за облигациони односи, законските измени се косат и со Уставот.

Адвокатите и познавачите на состојбите укажуваат на фактот дека државата и граѓаните ќе претрпат голема штета. Штетите на граѓаните со овој закон ќе биде најтешка и со далекусежни последици. Побарувања кои ги имаат граѓани во постапките за алиментација, постапките во услови на несреќен случај и настапување на смрт, телесна повреда или оштетување на здравјето, постапките за остварување на правото на сопственост или сопственички постапки, постапки од работни односи за исплата на плата и други надоместоци од работен однос, постапките од должничко-доверителски односи, ќе бидат застарени, ако се извршуваат веќе 10 години и нема да имаат можност да бидат наплатени после истекот на овој рок.

Уставниот Суд, по поднесените иницијативи за оценка на уставноста на донесените измени, не ја согледа целата ситуација од аспект на правната несигурност и правниот релативизам што се создава со донесените измени за застарување на побарувањата, што пак најголемо влијание има врз уставното начело за владеење на правото кое е дефинирано како темелна вредност на Уставот (член 8 став 1 алинеја 3). Во таа смисла, очигледно е дека донесените закони се спротивни на ова уставно начело и дека Уставниот Суд не ја завршил работата како што треба, бидејќи таму каде што се создава правна несигурност и правен релативизам, не може да има владеење на правото и правна држава“, истакнува адвокатот Љупчо Кузмановски.

Правната несигурност и загрозувањето на владеењето на правото ќе влијае негативно и врз инвестициите и компаниите. Имено компаниите ќе бидат претпазливи во своите активности, а оние пак од услужните дејности кои се директно оштетени од овој закон ќе мора да ги зголемат цените на своите услуги за да ги надоместат штетите настанати од отсуство на законска можност за наплата на старите побарувања, кои достигнуваат вредност од стотици милиони. Бизнис секторот со загриженост гледа на ваквата одлука на Уставниот суд и укажува дека последиците врз нивното работење ќе бидат големи.

Прочитајте и:  Уставниот суд поведе постапка за „балансерот“

„Покрај нарушување на концептот на правната држава, што ќе се рефлектира и на економијата, банкарството, финансискиот систем, претприемаштвото, со ваквите законски одредби се загрозува, владеењето на правото и правната сигурност.Закон има и директно влијае на правната заштита на имотниот интерес на доверителите, со тоа и на нивната ликвидност и солвентност, што крајно може да доведе до регрес и паѓање на економскиот раст. Од друга страна се прави и промоција на финансиска недисциплина, бидејќи според измените, непочитувањето на законите и сопствените обврски не само што не е неморално и нечесно, туку тоа е вообичаено и исплатливо, дури и таквото однесување се наградува“, додава Кузмановски.

Тој смета и дека доверителите со ваквото законско решение ќе трпатдополнителни материјални издатоци и принудени се да трпат материјална штета поради ретроактивната примена на законот. Во таква ситуација, големите економски оператори ќе бидат принудени да превземаат мерки за заштита преку отпуштање на работници, зголемување на цените на услугите или раст на банкарските камати, што во крајна линија, ќе се одрази врз и онака лошиот стандард на граѓаните и на зголемување на сиромаштијата.

Според него спорно е и образложението дека вакво законско решение се применува во некои земји во Европската Унија. Кузмановски вели:

„Ваквото решение не само што е крајно невообичаено, туку е непознато во законодавствата на земјите од ЕУ, но и пошироко. Ниту една земја што е наведена на сајтот на Уставниот Суд нема вакво решение. Напротив, во сите овие земји содржано е решение какво што претходно постоеше во нашиот Закон за облигациони односи до измените што беа предмет на оценка пред Уставниот Суд. Тоа значи дека во компаративната правна регулатива ваква законска одредба не постои, поради што нашата држава со овој закон е доведена во ситуација да биде единствен и уникатен пример во регионот, цела Европска Унија и пошироко“.

- Реклама -