Адеми: Моноетничката лидерска кај Пендаровски е потврда за потребата од премиер Албанец

Вчерашната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, на која, како што вели министерот Арбер Адеми, немало претставник на Албанците, за ДУИ е потврда за потребата за реализирање на иницијативата за прв премиер Албанец, изјави Адеми во име на интегративците.

„Вчера бевме сведоци на неуспешна моноетничка средба во ексклузивниот македонски клуб, што е и главната причина зошто сакаме да го срушиме преостанатиот столб на резервираната моноетнизација на раководните позиции. Дури и едно дете кое синоќа ја видело средбата помеѓу Пендаровски, Заев и Мицкоски се прашува зошто меѓу нив нема Албанец“, вели Адеми.

Како што изјави, ДУИ очекува да ја добие поддршката од граѓаните на претстојните избори и со тоа да биде одлучувачки фактор што ќе преговара за на позицијата премиер на државата за првпат да биде поставен етнички Албанец.

„Премиер Албанец не само што ќе биде модел за сите наши деца, туку и доказ дека тие се еднакви со нивните македонски сограѓани и сите други. Доказ дека можат да постигнат сѐ во нивните животи без никакви етнички ограничувања. Премиер Албанец исто така ќе биде важен сигнал за македонските деца, за општеството како целина каде што ќе го смени менталитетот кај нас, ќе стави крај на моноетничкото општество. Еднаквоста во нашата земја ќе стане целосна и опиплива не само за Македонците и Албанците, туку и за сите други етнички заедници“, изјави Адеми, додавајќи дека ова ќе биде барање на ДУИ и по завршување на изборниот процес, притоа повикувајќи ги сите албански партии да се обединат зад идејата.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Лидерската средба на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кај претседателот Стево Пендаровски се одржа со цел да се најде решение за датумот на одржување на предвремените парламентарни избори. Претходно, во обраќање до јавноста, Пендаровски објасни дека нема потреба од лидерска средба во истиот формат како претходните две, кога учествуваа и другите лидери, бидејќи тие се согласни изборите да се одржат на 5 или 19 јули.

- Реклама -