Конструктивна средба и јасни пораки од министрите од Вајмарската тројка – вака координаторот на пратеничката група на ДУИ – Арбер Адеми, ја сумираше посетата на министрите за европски прашања од Германија, Франција и Полска.
„Сите пораки беа јасни. Ако сакаме да ѝ се спротивставиме на Русија, тогаш ќе гласаме за уставните измени. Тоа беше главната порака. Ако не сме со Русија, тогаш ќе гласаме за уставните измени. И така ќе се отвори патот кон членството на нашата земја во европското семејство и така ќе продолжи подобрувањето наше, на нашата држава и општество на повеќе полиња, кои се поврзани и со процесот на преговорите. Така што имавме директни пораки како никогаш до сега, имајќи ги предвид последниве средби, што треба да направиме“, изјави Адеми на новинарско прашање.
Тој изрази очекување дека сите политички партии, како што рече, „ќе рефлектираат и ќе носат одлуки со кои ќе ги хармонизираат нивните политики со отворање на нови перспективи за сите граѓани“, а дека нема да се водат од, според него, тесни партиски интереси кои се поврзани со следните избори.
„Дискутиравме за сите околности, особено околностите кои се креирани од минатата година после руската агресија во Украина, и забрзување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја тука Северна Македонија и Албанија. Очекувам дека сите политички партии ќе рефлектираат и ќе носат одлуки, ќе ги хармонизираат нивните политики со отворање на нови перспективи за сите граѓани и нема да се водат од тесни партиски интереси кои се поврзани со следните избори. Сите ние кои сме европски ориентирани политичари и политички партии кои ги претставуваме, секако дека го споделувавме нашето видување дека час поскоро треба да се изгласаат уставните измени. Претседателот Џафери, меѓу другото, кажа да не се занимаваме со историјата, туку конкретно да се фокусираме на градење нови можности и перспектива за нашите граѓани“, рече Адеми.
Извор: МИА