Абдиџику: Евроатлантското единство околу Украина е историска шанса за Косово во НАТО

Приштина, 28 февруари 2022 (МИА) – Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, Љумир Абдиџику, вели дека „досегашното евроатлантското единство во реагирањето на руската агресија врз Украина“ претставува историска шанса за Косово за зачленување во НАТО, јави дописникот на МИА од Приштина.

Абдиџику ги повика косовските државни институции да го искористат „историскиот прозорец“ кој се појави по заедничките реакции на Европската Унија и Соединетите Американски Држави и другите членки на НАТО во однос на украинската криза.

„Сегашното евроатлантско единство како реакција на руската тиранија врз Украина е историски прозорец за Косово. Нашето зачленување во НАТО има нова шанса. Косово, нашите институции, нашата дипломатија, треба да го искористат овој историски прозорец кој ретко се отвора волку многу“, напиша Абдиџику на неговата страница на Фејсбук.

Прочитајте и:  Бајден бара од Конгресот да и отпише долг на Украина од 4.6 милијарди долари

Тој ги повика меѓународните сојузници на Косово да го забрзаат процесот на зачленување на таа држава во Алијансата, „како природен процес на европската безбедност“.

„Косово во НАТО е неопходност – секогаш било и секогаш ќе биде. Да го искористиме овој нов момент за еден голем историски исчекор. Да ги вложиме сите наши потенцијали во тој правец“, порача Абдиџику.

- Реклама -