По одбраната на титулата на турнирот во Пекинг минатата недела, Новак го стори истото во Шангај, со што втора година по ред го оправдува статусот на апсолутен владетел на турнеите во Азија.
Победата во драматичниот финален меч на “Shanghai Rolex Masters” турнирот, над аргентинeцот Хуан Мартин дел Потро 6:1, 3:6, 7:6 (7:3 тајбрејк), му ја донесе на Ноле 15-тата мастерс титула, 39-та во кариерата, а петта во 2013-та година.
Конечната битка траеше два часа и 32 минути.
Новак го започна натпреварот со воодушевувачко темпо и го доби првиот сет со 6:1. Во вториот сет, сервисот на Дел Потро проработи и го донесе до првиот брејк, што му даде предност од 3:0. Во седмиот гем, Новак имаше 3 брејк топки, но Дел Потро реагираше на вистински начин и го спречи брејкот, што подоцна му овозможи лесно да стигне до 6:3.
Третиот сет беше најдраматичен. Во петиот гем Ѓокович спаси една брејк топка, за во наредниот да пропушти 2. При водство од 5:4, Новак пропушти две меч-топки на сервис на аргентинецот, што тој успеа да ги спаси по вонредната размена на силни удари. На крајот, сосема праведно, третиот сет, но и титулата, се одлучуваше во тај-брејк. Новак заигра најдобро кога најмногу требаше и го освои турнирот со 7:3 во тај-брејкот.
„Му честитам на мојот пријател Дел Потро. Еднакво го заслужи овој трофеј како и јас, со се што покажа во текот на неделава. Благодарам на мојот тим за сјајната поддршка. Секогаш тука за мене, секој ден жртвувајќи ги своите животи. Го ценам секој момент поминат со вас“, изјави Новак на церемонијата на прогласување на победникот.