Вековно старите гробишта за миленичиња, дел од хотелот што го инспирал Стивен Кинг да ја напише „Сјаење“, наскоро ќе бидат ископани за да се направи простор за свадбени и бизнис хотелски случувања.
Жителите на областа во која се наоѓа Stanley хотелот во Колорадо, се загрижени за проектот, но од погрешни причини, барем според локалниот „медиум“ за комуникација со мртвите. Поплаките на локалните главно се однесуваат на бучавата од градежната машинерија, но од друга страна, Розмари МекАртур, позната како „The Celtic Lady“ и видовит „медиум“ за кучиња, смета дека можеби и не е најдобра идеја да се вознемируваат гробиштата за миленичиња, кои меѓу другото се инспирација за една од најморничавите новели на сите времиња.
Таа предупредува дека играњето со коските на мртвите може да предизвика лавина од паранормален отпор, и тоа не само во форма на духови што ќе останат заглавени помеѓу овој и другиот свет, туку и преку несреќи и разни мистериозни застои што може да го одложат или запрат проектот. Исто така, Таа тврди дека ваквите неволји можат да се избегнат ако биде ангажиран „медиум“ што ќе им помогне на мртвите миленичиња при транзицијата.
Хотелот, сепак нема да ја ангажира самопоканетата помошничка, но ветува дека ќе ангажира гробари од локалното погребално претпријатие, што ќе се погрижат за останките на миленичињата и со тоа ќе го спасат градот од формирањето на портал кон пеколот, во случај на непочитување на „вознемирените“ галеници.
Иако во изјавата се наведува дека тоа не се гробиштата од Кинговата „Pet Sematary“, со оглед на тоа дека ископувањето е закажано за „Ноќта на вештерките“, локалните подобро да се надеваат дека нема да се појави некој морничав кловн.