Доколку сте од оние луѓе што можат без проблем да ги преспијат долгите патувања, тогаш знаете колку е добро да пристигнете на дестинацијата одморени и свежи, при тоа прескокнувајќи ги часовите кои мора да ги поминете во автобус или авион. Ако пак не можете да заспиете, се надеваме дека ќе ви помогнеме со следниве неколку совети.
Перниче
Не мора да носите перниче кое ќе ви зафаќа многу простор во багажот, бидејќи за стотина денари можете да си купите перниче на дување, кое е наменето специјално за патување и е соодветно изработено за да ви даде одлична потпора за вратот, со што ќе ги избегнете болките кои настануваат ако спиете на седиштето.
Маска за очи
Ако не можете да спиете кога има светлина од каков било вид, вклучително и дисплеите од телефоните и лаптопите на сопатниците, тогаш купете си маска за очи, која ќе ви помогне да создадете потполн мрак и соодветно да се одморите.
Затки за уши
Специјалните затки за уши, кои ги поништуваат речиси сите звуци од вашето опкружување чинат помалку од 100 денари, а ќе ви помогнат да се справите со викањето на малите деца и гласните сопатници.
Мелатонин
Мелатонинот е хормон кој природно се излачува во организмот. Таблетите со мелатонин не делуваат како апчиња за спиење, туку само ве опуштаат и ви овозможуваат полесно да заспиете.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk