Една од главните одлики на секое лето се незгодните топлотни бранови. Без разлика дали ќе ве затекнат дома или пак на одмор, секогаш треба да бидете подготвени да се справите со нив.
Не се преоптоварувајте
Се чини како многу едноставен совет, но најголем дел од последиците по здравјето при топлотни бранови доаѓаат токму од преоптоварување на жешкото време. Не претерувајте со долги прошетки, работа на отворено, предолго седење на плажа и сл., кога времето е многу жешко. Но, доколку почувствувате какви било потешкотии, тогаш најверојатно се работи за една од трите главни топлотни нарушувања:
Грчеви кои настануваат поради преголема топлина и најчесто се јавуваат во листовите, рацете, абдоменот, рамената и грбот и се многу слични на ноќните грчеви.
Ако се соочите со исцрпеност, тогаш можете да почувствувате неверојатна жед, слабост во целото тело, грчеви, главоболки, гадење, па дури и губење на свеста.
Најсериозна состојба е топлотниот удар, бидејќи во одредени ситуации може да доведе и до смрт. Покрај симптомите од исцрпеноста, ќе се соочите и со: забрзана работа на срцето, брзо и плитко дишење, вцрвенета и загреана кожа. Кај топлотните удари е неопходна лекарска помош.
Ако ги препознаете овие симптоми кај себе или кај некој друг, веднаш упатете се кон најблиската сенка и пијте вода, во обид да ја снижите температурата. Но, доколку се работи за топлотен удар, упатете се кон најблиската медицинска установа.
Пијте многу течности
Под течности првенствено се мисли на вода. Пивото и другите алкохолни пијалаци, како и газираните сокови можат да предизвикаат дехидрација, наместо да ја спречат. Исто така, кога се потиме, губиме голем дел од солите во организмот, кои се неопходни за задржување на течностите, па затоа треба да се внесуваат соодветни замени. Солите се потребни за нормално функционирање на мускулите и нивното присуство ќе спречи грчеви како последица од жештината.
Лесна облека во светли бои
Ако сте на отворено, носете колку што е можно полесна облека, во светли бои. Темните бои ја привлекуваат сончевата светлина, а подебелите алишта ја задржуваат топлината.
Информирајте се
Топлотните бранови може да се појават секаде, во кое било време. Затоа, важно е повремено да ја проверувате временската прогноза, особено пред да отпатувате на одмор, за да можете да бидете соодветно подготвени.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk