Скијатос претставува идеална дестинација за истражување и уживање. Релативно малиот остров кој крие огромен број убавини ви овозможува во краткото време од одморот да видите и искусите сѐ што сте наумиле…
Скијатос е дефинитивно идеалниот туристички остров. Со должина од 9 километри, широчина од 5 километри и максимална надморска височина од 433 метри, островот кој е најпознат од групата Споради ви овозможува да го истражите и да прошетате пеш или со превозното средство што најмногу ви се допаѓа. А, секако има што да видите…
Од една страна Скијатос ви ги нуди сите туристички погодности, на моменти многу поексклузивни отколку на другите туристички дестинации во Грција: прекрасни организирани плажи со барови и ресторани, организиран превоз со климатизирани автобуси, одлично опремени продавници и супер маркети и беспрекорна инфраструктура. Но, од друга страна, Скијатос ќе ги намами и оние што ја сакаат природата и сакаат да истражуваат пешачејќи…
Скијатос изобилува со ридови (од чии врвови има неверојатно убав поглед на соседните острови Скопелос и Алонисос, како и на неброените мали островчиња), речни долини, густи шуми, природни извори, планински села, манастири на непристапни предели, но и развиена мрежа на земјени патишта, по кои можете да стигнете секаде за доста кусо време, но и да пристапите кон северниот брег на островот, каде што се наоѓаат едни од најубавите плажи во Грција, кои не се организирани, но затоа ќе ве запрепастат со својата убавина.
Постојат две обележани пешачки патеки на Скијатос (кои со мали отстапки се речиси идентични) кои водат од градот до средновековната населба Кастро на северната страна. Патеката е релативно лесна, но не препорачуваме да тргнувате подоцна од изгрејсонцето, затоа што времето знае да стане доста жешко кон средината на денот.
Секако, една од најдобрите опции за истражување на Скијатос се честите бродски тури со кои можете без проблем да пристапите кон Кастро и надалеку прочуената плажа Лаларија, на северот од островот.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk