Снимањето на „Деца на сонцето“ привршува.
Оваа недела се снима на урбани локации низ главниот град на Републиката. Една од поинтересните локации беше снимањето во кафулето „Кај мајка ти и татко ти“ на улица Ленинова. На сетот беа добро препознатливи актерски ликови како Сашко Коцев, Александар Микиќ, главниот актер во филмот Кире Ѓоревски и Мартин Мирчевски.
Се работеше во смирена, перфектно организирана и тивка атмосфера. Режисерот Антонио Митрикески истакна дека за време на снимањето не сакал да губи напразно енергија на непотребни ситници, кои ионака однапред знае дека ќе отпаднат во монтажата на филмот, па затоа работи многу брзо и е отворен за каква било соработка со остатокот од екипата.
„Подготвен сум да прифаќам совети, доколку се корисни. Филмот е колективна уметност, а не дело на режисерот. Со директорот на фотографија Шода сме одличен тим за цело ова време и додека снимаме и двјацата сме напнати и целосно предадени. Таа корисна напнатост го електризира духот и со самото тоа ги оживува актерите пред камерата. Така, сите во екипата почувствуваа дека ова не е само уште еден филм, туку проект во кој сите имаат важна и неповторлива улога. Отсекогаш сум сакал да има конфликт меѓу ликовите, а тој е посилен кога станува збор за кофликти во една фамилија. Затоа Деца на сонцето е портрет на едно семејство. Сепак, добро снимените материјали не значат ништо сами по себе. Како ќе изгледа комплетно спакуван филмот ќе оцени публиката. Моите два предходни филмови ги гледав со очите на мојата душа, а во овој филм повеќе обрнувам внимание на човечките карактеристики на кои работев студиозно за да бидат оживеани и претставени веродостојно“.
Погледнете како течеше снимањето