Амстердам, градот кој го започнал своето постоење како рибарско село крај брана на реката Амстел, денес претставува еден од главните економски центри во Европа, главен центар на забавата и слободата, но и една од најромантичните локации на Стариот континент.
1. Во Амстердам има преку еден милион велосипеди, а само 700.000 жители, што го прави главниот велосипедски град на Европа. Тесните улички и мостови, како и високите цени за паркирање, го прават главниот град на Холандија место што не е најпогодно за автомобили. Во Холандија има преку 15 илјади километри велосипедски патеки и токму затоа разгледувањето на овој град најдобро е да се направи со велосипед.
2. Амстердам има најмногу музеи во светот на квадратен километар, т.е. вкупно 51. Меѓу нив спаѓаат и прочуениот музеј на Ван Гог, како и куќата на Ана Франк.
3. Аеродромот во Амстердам е првиот во светот во кој има музеј, па дури и ако сте на поминување, ќе можете да погледнете дел од изложбите од градските музеи во рамките на терминалот.
4. Мачките скитници во Амстердам живеат на брод, за кој се грижат волонтери и кој полека станува голема туристичка атракција.
5. Речиси една четвртина од Амстердам е под морското ниво. Најголем дел од Холандија е повратен од морето, па така, доколку не постоеја специјалните брани, повеќе од половина од земјата ќе потоне под Северното Море.
6. Амстердам бил изграден на дрвени столбови. Почвата е мочуришна до тој степен, што при изградбата на зградите и куќите морало да се започне со закопување дрвени столбови длабоко во земјата. Денес се користат бетонски, но принципот и натаму останува. Под централната станица, на пример, има преку 6.000 столбови.
7. Климата во Амстердам е слична со англиската. Летата се посвежи, со студени и врнежливи периоди, а зимите се студени, со чести врнежи од дожд, а понекогаш и снег. Ненадејните врнежи од дожд се многу честа појава во овој град.
8. Во златната ера (1580-1670 година) на холандското сликарство, кога најголемите светски уметници живееле во Амстердам, во овој град биле создадени преку 5 милиони ремек-дела. Во тој период, речиси во секој дом во Холандија имало барем по една слика.
9. Во Амстердам има 165 канали, 1.281 мостови и преку 2.500 бродови кои имаат фиксирано место во некој од каналите и се користат како домови. Поради сето ова, Амстердам со право го доби прекарот „Венеција на северот“.
10. Во Амстердам живеат најголем број националности од сите градови во светот. Како постојани жители на градот се пријавени луѓе од 175 националности, од вкупно 194 меѓународни признати држави.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk