Игуаин пред трансфер во Арсенал

Според медиумите од Аргентина, Гонзало Игуаин е на чекор до преселба на Емирати Стадионот откако Арсенал и Реал Мадрид постигнале договор за трансферот.

Двата клуба подолго време беа во преговори и последните извештаи велат дека е постигнат договор за трансфер вреден 23 милиони фунти (околу 27 милиони евра).

Првичната понуда на Арсенал изнесуваше 21 милион фунти, додека пак Реал Мадрид инсистираше да добие 25 милиони фунти за услугите на напаѓачот, но на крајот бил постигнат компромис со сумата од 23 милиони.

Сега останува само уште Гонзало Игуаин да ги договори личните услови и да стави потпис на договорот.

„Добивме дозвола од Реал Мадрид да преговараме со Арсенал, па очекувам наскоро мојот син да го видам во Премиерлигата” – рече Хорке Игуаин, таткото на играчот.

Според пишувањата на медиумите, репрезентативецот на ’Гаучосите’ на Емирати Стадионот ќе има неделна плата од околу 100 000 фунти и ќе биде помеѓу најплатените играчи на Арсенал.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -