Каква среќа што можеме да се нахраниме од искуството на овој голем припадник на Отпорот, кој успеал да се спаси од логорите Бухенвалд и Дора, коредактор на Универзалната декларација за човекови права од 1948 година, почестен со функцијата амбасадор на Франција и носител на медалот Командир на Легијата на честа!
БУНЕТЕ СЕ! може да се нарече и есеј, манифест, брошура, апел, па дури и памфлет, зашто по обем тоа е мало, но по квалитет големо дело. Се појавува во еден момент (есента минатата година) во Франција која како и целиот свет, поминува низ три кризи: финансиска, економска и еколошка. Стефан Хесел се потсетува на својата младост, на борбата против фашизмот, на повоените години во Париз, на Програмата за обнова на Франција по Втората светска војна, на изготвувањето на Универзалната декларација за човекови права во 1948 година. И својата борба за напредок, за рамноправност, за демократија, за човекови права и правна држава им ја претставува и им ја предлага на младите генерации: тие да ја преземат штафетата на прогресот и притоа да мислат на сите категории на луѓе во едно модерно општество.
Потсетувајќи на моменталната состојба во Франција и во светот авторот предлага луѓето да не молчат, да се бунат, да го искажуваат својот гнев, својот бес, револт, своето незадоволство, својата повреденост, сомничавост, својата лутина, да пркосат, да даваат отпор на сè она што им пречи во општеството во кое живеат. За него основен мотив за реакција се неправдите на капиталистичкото општество, огромниот расчекор меѓу богатите и сиромашните, несигурноста, формалната демократија, безработицата, сиромаштијата, корупцијата, бедата и сите други појави во овој неправеден свет.
За Стефан Хесел „основниот“ мотив за Отпорот била лутината. „Сигурно е дека причините за лутина во денешниот комплексен свет можат да изгледаат многу помалку јасни отколку во времето на нацизмот. Но, ‘барајте и ќе најдете‛: зголемувањето на разликата меѓу најбогатите и најсиромашните, состојбата со планетава, односот кон лицата без документи, имигрантите, Ромите, трката за ‘уште и уште повеќе‛, натпреварот, диктатурата на финансиските пазари, дури и придобивките од Отпорот продадени по ниска цена, како што се: пензиите, социјалното осигурување… За да се биде ефикасен треба како и порано да се дејствува во мрежа: ATTAC, Амнести, Меѓународната федерација за човекови права… се доказ за тоа.
Зошто оваа мала книга е важна за нас во Македонија?
Живееме долг период во транзиција. Од еден егалитаризам во поранешниот југословенски систем на вредности преминавме во суров либерализам, капитализам од најлош вид. Се учиме на демократија, на човекови права, сакаме правна држава, слободни и фер избори, сакаме да одиме во Европа, да ја заборавиме балканизацијата, сакаме да живееме нормално, трудот да нѝ биде платен и да мислиме на нашите поколенија, на околината во која живееме. И како сето тоа да се постигне? Како да се има барем минимум доверба во актуелната политика? Како луѓето да не се разочаруваат во ситуација кога се прашуваат дали има смисла да се оди на гласање кога „сите политичари се исти“. Многу луѓе се прашуваат зошто изворот на политичарите не им е народот туку нивните противници. Зошто не кажуваат што ќе направат за тој народ, а само критикуваат, откриваат стари афери, докажуваат дека се тие помалку лоши од нивните противници. Народот не сака лоши, арогантни, нечесни политичари. Сака убаво да живее, а оние што ги избира да мислат на него во текот на целиот мандатен период, а не само за време на избори.
Амбасадор Благој Зашов
Значи, можеме да му веруваме на Стефан Хесел, и да му се придружиме кога повикува на едно мирољубиво востание
Силви Кросман
Владите по дефиниција немаат совест
Алберт Ками, Сведоци бр. 5, пролетта 1954 година
Повеќе информации за книгата ќе најдете на веб-страницата на Издавачкиот центар ТРИ, www.kniga.com.mk.
Добитници на „Пеколен портокал“ се:
1. Мартина Самболец
2. Кирил Чакмаков
3. Христина Стојилова