Зошто човекот го загубил своето крзно?

Зошто човекот го загубил своето крзно?Зошто на човекот му недостасува крзното, кое во дамнешно време го наследил од своите предци, човеколиките мајмуни? Во обид да одговорат на тоа прашање биолозите еволуционисти составиле 3 различни хипотези.

Во сите тие 3 хипотези сè се врти околу идејата дека откако се одвоил од заедничкиот предок со неговиот најблизок жив роднина – шимпанзото, човекот во текот на својата еволуција од околу 6 милиони год., станувал сè помалку влакнест поради извесни погодности. Суштината на тие 3 хипотези ни ја објаснува Марк Пегел (Mark Pagel), водач на група биолози еволуционисти од Универзитетот Рединг (Reading), Англија, па да ги проследиме.

Првата хипотеза претпоставува дека во еден период од пред 6 до 8 милиони год. нашите мајмунолики предци поминале низ еден т.н. „полуводен“ (semiaquatic) начин на живеење, консумирајќи храна од плитки води. Бидејќи крзното не е ефикасен топлински изолатор во вода, развојот на нашите предци се движел во насока да го заменат крзното со телесно сало, како што е и кај другите „водни“ цицачи: Но, палеонтолошки знаци за некоја полуводна фаза низ која поминал човекот нема!

Втората хипотеза претпоставува дека загубата на крзното кај нашите предци била корисна за да се овозможи подобра контрола на нивната телесна температура. Имено, отпрво нашите предци живееле во студени шумски предели, но подоцна тие сè почесто излегувале од шумите и крстареле во топлите сончеви савани.

Но, хоминид со крзно на себе, движејќи се бипедално (исправен на две нозе), би се прегреал во топлите савани, па приспособувајќи се за живот во новата средина, нашите предци еволуирале кон постепено губење на нивното крзно. Идејата изгледа разумна, но, сепак, таа содржи еден парадокс: отсуството на крзно кај нашите предци можеби им го олеснувало нивниот престој во саваните во текот на жешките денови, но во студените ноќи, какви што се во саваната, крзното добро би им дошло!

Третата хипотеза се чини има најмногу поддржувачи, помеѓу кои се и Валтер Бодмер (Water Bodmer) од Универзитетот во Окфорд, и горенаведениот Марк Пегел, авторот на оваа информација. Според таа хипотеза, природната селекција фаворизира тело без влакна поради намалување на опасноста од разни надворешни паразити.

Имено, крзното им нуди безбедна егзистенција на ектопаразитите, како што се крлежите, вошките и др., кои освен што иритираат, пренесуваат и болести кои можат да имаат фатални последици. Како надоместок за изгубеното крзно човекот еволуирал во суштество способно да си обезбеди облека и така да се заштити од студ без загрозеност од ектопаразитите.

Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР

- Реклама -