Алтруизмот може да се објасни со природна селекција

Алтруизмот може да се објасни со природна селекцијаАлтруистичкото однесување, чиј пример е стерилната мравка-работник која се грижи за потомството на нивната кралица, се развива само помеѓу лица поврзани преку она што е познато како сродствена селекција или барем така мислеа многу од еволутивните биолози од 60-те години на минатиот век.

Тие тврдат дека стандардната теорија за природна селекција не може да ја објасни еволуцијата на групите на организми со високоразвиени социјални врски, како што се, на пример, пчелите и мравките, поради тоа што инсектите-работници во овие групи не се размножуваат. Една дводелна математичка анализа, неодамна објавена во списанието „Природа“ ја побива оваа догма.

Теоријата за сродствена селекција се темели на идејата дека, на пример, стерилните инсекти-работници може да натрупаат репродуктивни бенефиции преку помагање на нивните роднини. Притоа, тие помагаат заедничките гени да преживеат и да се пренесат на следната генерација. Ова обезбедува услови за еволуција во високо развиени социјални врски.

Но, според Мартин Новак, математички биолог од Универзитетот Харвард, главен автор на споменатата анализа, сродствената селекција не е неопходна за објаснување на високоразвиените социјални врски. Тој и неговиот тим ја обезбедија првата математичка анализа на теоријата за сродствена селекција. Притоа, тие пресметале кои од две дадени однесувања, на пример, пребегнување на инсектот (придружено со формирање на посебна колонија) или соработка ќе се пренесат повеќе во популацијата ако како главен стандард при еволуцијата се земе природната селекција. Потоа ги претпоставиле условите кои треба да се исполнети за теоријата за сродствена селекција да го даде истиот резултат.

Тимот открил дека теоријата за сродствена селекција го обезбедува истиот резултат само во ограничен број на специфични ситуации кои би биле ретко одржливи во реалноста. Дури и кога моделот за сродствена селекција работел, добиените резултати математички биле еднакви со оние добиени при стандардната природна селекција.

Во втората математичка анализа, тимот истражувал како високоразвиените социјални односи би можеле да се развијат по пат на стандардна природна селекција. Тие откриле дека генот за „социјализација“ може лесно да се шири сè додека дава одредени предности, како, на пример, зголемување на животниот век и репродуктивен успех на кралицата, што е од големо значење дури и за малите колонии. Значи, колониите кои имаат малку (двајца или тројца) работници мора да обезбедат значителни предности за нивната кралица да го пренесе овој ген и однесувањето на тој начин да стане широко распространето.

Анализите предизвикаа поделба во и онака поделеното научното мислење околу прашањето за еволуција на алтруистичкото однесување. Сту Вест, еволутивен биолог од Универзитетот во Оксфорд, вели дека тврдењата на новата анализа се „неточни“, бидејќи емпириските податоци покажуваат дека патот кон високо развивање на социјалните врски е преку помагање на потомството на родителите, а не преку женки кои заеднички формираат групи, како што тој го сфаќа предлогот на Новак и неговиот тим. На ова Новак одговара дека високоразвиената социјалност го поттикнува потомството да остане со своите родители и да им помогне да го репродуцираат, тврдејќи дека семејната поврзаност е последица на високоразвиените социјални врски, но не и причина за нивното постоење.

Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР

- Реклама -