Што треба да знаете пред да отпатувате за Грција?

Секогаш кога патувате во странство, препорачливо е прво да ги проверите локалните правила и закони, за да знаете што е дозволено, што е забрането и како да се однесувате во таа земја. Денес ви ги пренесуваме најважните правила и прописи од Грција.

Работно време

Супермаркетите во Грција обично работат од 8 до 21 часот, со исклучок на недела, кога затвараат во 18 часот. Продавниците (освен оние на кои е поинаку назначено), обично работат од 9 до 14 часот и потоа од 18 до 21, а во недела се речиси без исклучок затворени. Бензинските станици работат во текот на целиот ден, но многу ретко можете да најдете некоја што работи по 22 часот. На островите најчесто бензинските затвараат во 20 часот. Аптеките работат со исто работно време како и продавниците, но се затворени во сабота и недела. Во итни случаи, треба да ја побарате дежурната аптека во градот. Киосците обично затвараат околу 22 часот, но речиси во секој град постои по еден киоск што работи 24 часа.

Царина

Лицата на возраст над 17 години смеат да внесат до половина литар жестоки пијалаци, половина литар вино и 2 литра пиво во Грција. Исто така, лицата над 17 години имаат право да внесат 40 цигари или 10 пури или 50 грама тутун за виткање. Дозволено е внесување лекови исклучиво за лична употреба. Другите предмети кои сакате да ги внесете, а кои не се наменети за продажба, не смеат да надминуваат вкупна вредност од 300 евра, односно 150 евра за лица под 15 години.

Забранети предмети

Забрането е внесување на месо и млеко од земји кои не се во ЕУ, како и на предмети и добра од заштитени животински видови (оклопи од желки, слонова коска, амазонски дрва итн.). Исто така, важат и општите забрани од ЕУ: забрана за оружје, наркотици и остри предмети. Доколку сакате да внесете крзно, кожа или чевли од егзотична природа, мора да приложите доказ дека не станува збор за загрозен вид на животно.

Изнесување сувенири

Грција има строга забрана за изнесување на какви било артефакти од земјата, вклучително: скулптури, статуи, па дури и камења од археолошките наоѓалишта. Доколку направите прекршок од овој вид и ве уапсат, следува висока парична казна, а можно е да се соочите и со затворска казна.

Навики

Горе-долу, навиките на жителите во Грција не се разликуваат од нашите, со исклучок на мафтањето со отворена дланка, кое таму се смета за навреда. Ако сакате некому да му мафнете, направете го тоа со затворена дланка.

Јавен ред и мир

Грчката полиција не толерира нарушување на јавниот ред и мир, особено ако е под дејство на алкохол и непристојно однесување во јавност (како што е на пример секс на јавни места). За прекршителите се наменети високи парични казни, а во одредени случаи и затворски казни.

Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk

- Реклама -