Порано се мислеше дека внесувањето големи количини алкохол, што потоа води до „исклучување“ ги уништува мозочните клетки. Денес, научниците од универзитетот Вашингтон дошле до заклучок дека во тие случаи всушност доаѓа до неможност за задржување на долгорочни спомени од нештата што се случуваат во тој период.
Човек што ќе испие премногу алкохол може без проблем да извршува бројни психомоторни функции – да танцува, да оди (дури и да трча), да разговара со часови, па дури и да вози автомобил без да доживее несреќа – но, потоа нема да има никаков спомен за нештата што му се случиле. Според најновото истражување, сево ова се должи на фактот што кога „се губите“ поради премногу алкохол (од неколку минути, до повеќе часови) алкохолот ги попречува клучните рецептори во мозокот, со што се оневозможува создавањето долгорочни спомени и се попречува процесот на учење.
Според зборовите на еден од научниците кои работеле на истражувањето, Чарлс Ф. Зорумски, дури и кога во организмот има големи количества алкохол вие сè уште процесуирате информации, не сте под анестезија, не сте онесвестени, но не можете да оформите нови спомени. Иако за да дојде до оваа состојба потребно е навистина големо количество алкохол, истражувањето ќе помогне во целосното разбирање на процесот со кој се оформуваат спомените. Еден ден, преку ова иницијално истражување, може да биде пронајден и начин за зачувување на меморијата кај луѓето што се соочуваат со нарушување на нормалната ментална функција. [The Biology Behind Alcohol-Induced Blackouts]