Планетите талкачи се почести од нормалните планети

планетаАстрономите имаат откриено целосно нова класа планети: голем број планети со маса слична на Јупитер кои се заглавени во меѓуѕвездениот простор и не орбитираат околу ѕвезди. И додека дел од овие егзопланети би можеле да имаат широка орбита околу некоја блиска ѕвезда, повеќето немаат ѕвезда-родител.


Овие чудни нови светови не се статистичка аномалија. Голема е веројатноста дека тие се побројни од „нормалните“ планети кои орбитираат околу ѕвезди за најмалку 50 проценти. Астрономите долго време веруваа дека слободни „планети талкачи“ би можеле да постојат. Но нивниот голем број е изненадување за многу истражувачи, а можно е и да наметнат нова дискусија за начинот на кој настанале.

„Претходните набљудувања на планетите ни даваат информации само за оние планети кои опстојуваат во орбита околу ѕвезда“ рекол предводникот на студијата Такахиро Суми од универзитетот Осака во Јапонија. „Но, овие наоди сега ни кажуваат дека голем број планети се расфрлани најверојатно низ целата галаксија“. Суми и неговите колеги го направиле откритието користејќи метод кој се фокусира на она што се случува кога масивен објект минува пред ѕвезда гледана од Земјата. Поблискиот објект ја извиткува и засилува светлината од далечната ѕвезда слично како оптичка леќа.

Ова произведува „светлинска крива“ – засилување и ослабување на светлината од далечната ѕвезда во одреден период – чии карактеристики им откриваат на астрономите многу за големината на поблискиот објект. Во многу случаи, поблискиот предмет е ѕвезда, а ако околу неа орбитираат планети тие генерираат секундарни светлосни криви, со што го откриваат своето постоење.

Пред моменталната студија астрономите го користеле истиов метод за откривање на десетина од 550-те познати егзопланети – мисијата Кеплер на NASA има откриено 1235 кандидати за планети користејќи друг метод, но истите сè уште мора да бидат потврдени). Суми и неговиот тим анализирале податоци собирани во текот на две години од телескоп во Нов Зеланд кој набљудувал 50 милиони ѕвезди во нашата галаксија користејќи го овој метод. Тие идентификувале 474 вакви појави, меѓу кои имало и 10 кои траеле помалку од два дена.

Нивното кратко времетраење открива дека во тие случаи поблискиот објект не е ѕвезда туку планета со маса слична на Јупитер. Но не бил откриен сигнал од нивните ѕвезди-родители. Независни набљудувања направени од телескоп во Чиле исто така ги потврдил овие наоди. Или овие десет планети орбитираат многу далеку од своите ѕвезди – над 10 астрономски единици – или воопшто не орбитираат околу ѕвезди. [Lonely rouge worlds surprisingly outnumber planets with suns]

- Реклама -