Наноперфектор е апарат кој може да го оствари сонот на секоја жена во поодминати години на чие лице почнале да се појавуваат брчки и кожата станала опуштена. Станува збор за третман без скалпел, но со нано струи со занемарлива јачина. Ефектот е речиси ист како кога тоа се прави на класичен начин со хируршка интервенција, но нема рез, нема крв, нема болки и нема отоци, а резултатите се видливи половина час по интервенцијата.
Досега се применуваа и други нехируршки методи, како што е пополнување на длабоките брчки со филери, отстранување на брчки заради мимики со ботокс, намалување на брчки на челото и околу очите со радиобранови, но до сега останувал речиси нерешен проблемот со брчките во долната третина од лицето. Сега со овој наноапарат се делува токму на тој дел, но се коригираат и кожата околу усните и брадата, контурите на лицето, се подигаат очните капаци итн., што беше незамисливо без естетска хирургија. Наноперфекторот е единствен апарат кој без скалпел го третира вратот, подбрадокот и опуштената кожа на лицето, но неговата примена е одлична и во друг вид оштетувања на кожата од разно разни причини.
Суштината на работата на наноперфекторот е во тоа што тој со потполно неинвазивни и безопасни наноструи поттикнува природно регенерирање на клетките. Со овие наноструи се поттикнуваат меѓуклеточните комуникации и врски, кои заради стареењето стануваат сѐ послаби. Третманот се изведува на два начини: со помош на сребрени ракавици или со електроди. Третманот трае од 30 до 40 минути.
Засега постои само апарат за вратот и лицето, но во скоро време се очекува на пазарот и апарат за целото тело.
Покрај оваа новинва во врска со кожата, еве уште една: создадена е вештачка човечка кожа во лабораторија. Во прво време оваа кожа ќе се користи за разни испитувања кои сега се прават врз кожа на животни, а ја создаде Центарот за алтернативни и комплементарни методи во Виена. Директорот на Центарот, Клаус Шредер, овој производ го развил со помош на клетки земени од парчиња човечка кожа, кои се јавуваат како отпад при естетски операции, а потоа ги размножувал во лабораторија. Така, од само два квадратни сантиметри вистинска кожа, создал кожа во лабораторија, на која можат да се направат дури 5.000 тестирања и испитувања. Во овој момент таа највеќе ќе се користи за тестирање на алергии и изгореници, како и за тестирање на одредени лекови, а понатаму ќе слушнеме или ќе прочитаме што ќе се случи…