Живот во бинарен систем

бинарен системДве сонца на небото е честа појава во научнофантастични филмови, но каков ефект би имал бинарен ѕвезден систем врз изгледот на животот кој еволуирал на планета која орбитира околу овие ѕвезди?

Во нова студија научници го процениле потенцијалот за фотосинтетички живот во системи со повеќе ѕвезди со различни комбинации на ѕвезди слични на Сонцето и црвени џуџиња за да откријат како би изгледале растенијата. Тимот шпекулирал дека на планета слична на Земјата со две или три сонца, вегетацијата би била црна или сива. „Ако планетата се наоѓа во систем со две или повеќе ѕвезди, потенцијално би имало повеќе извори на енергија за фотосинтеза“ изјавил Џек О’Мели-Џејмс од Универзитетот Св. Ендрус во Шкотска.

„Температурата на ѕвездата ја одредува нејзината боја што значи ја одредува и бојата на светлината која се користи за фотосинтеза. Во зависност од бојата на сончевата светлина, растенијата би еволуирале многу различно.“ Фотосинтеза – претварање на сончевата светлина во енергија – е основата за голем дел од животот на Земјата. Тоа е изворот на енергија за растенијата и преку нив за животните кои се наоѓаат повисоко во ланецот на исхрана.

Со повеќе светлосни извори животот би можел да се адаптира да ги користи сите сонца, или би можеле да се развијат различни форми кои би избирале едно специфично сонце. Ова би била поверојатната опција за растенијата кои се наоѓаат на површина која е осветлена од едно сонце во подолг период. Постојат примери на ѕвезди слични на сонцето кои подржуваат егзопланети а црвените џуџиња се најчестите ѕвезди во напата галаксија, и често можат да бидат сретнати во системи со повеќе ѕвезди. Тие се исто така доволно стари и стабилни за живот да еволуира во нивната орбита.
 
Над 25 проценти од ѕвездите слични на Сонцето и 50 проценти од црвените џуџиња се сместени во системи со повеќе ѕвезди. Во симулациите на тимот, планети слични на Земјата или орбитираат околу две ѕвезди кои се блиску една до друга, или околу една од две ѕвезди кои се наоѓаат на поголемо растојание. Тимот анализирал и комбинации од овие две сценарија, со две ѕвезди блиску една до друга и со две блиски ѕвезди и трета малку поодалечена. [Earth-like planets could grow black trees]

- Реклама -