Една евангелистичко-христијанска екипа истражувачи излезе со информација дека ја”пронашла арката на Ное”. Но, археолозите и историчарите ја оспоруваат веродостојноста на наодот.
Една евангелистичко-христијанска екипа истражувачи излезе со информација дека ја”пронашла арката на Ное”. Но, археолозите и историчарите ја оспоруваат веродостојноста на наодот.
Да се потсетиме, според една библиска приказна “Бог испратил тотален потоп на Земјата за да ги казни луѓето со уништување поради нивниот разврат. Претходно му наложил на единствениот праведник Ное да изгради арка (брод) за себе и за семејството и да го наполни со по две животни, машко и женско од секој вид. Потопот го уништил сиот жив свет, освен жителите во арката”.
Деновиве, арката на Ное повторно стана актуелна, кога една евангелистичко-христијанска меѓународна група излезе со тврдење “дека ги пронашла неговите остатоци, закопани под снег и под вулкански остатоци на планината Арарат во Турција, на околу 4 илјади метри надморска височина. Датирањето на наодот со метода на распаѓање на радиоактивен јаглен покажа негова старост од околу 4800 год., што според пронаоѓачите приближно коинцидира со времето на тоталниот потоп според Библијата, па групата е убедена со 99,9% сигурност дека наодот е арката на Ное”.
Веста проструи низ медиумите, но веднаш пристигнаа и поединечни скептични реакции.
Како прва, ќе ја наведеме реакцијата на “биологот” Тод Вуд (Todd Wood), директор на Центарот за истражувања на Колеџот Брајан (Bryan College) во Тенеси, кој ја интерпретира Библијата буквално и според тоа го гледа светот во рамката на креационизмот, но, сепак, е скептик во врска со наодот: “Јас сум скептик дека тој наод може да биде остаток од арката на Ное, бидејќи ако го прифатиме неговото датирање со радиоактивна метода како точно, тогаш не би можеле стриктно да ја интерпретираме Библијата, според која Бог го создал светот и сите негови живи форми пред околу 6 илјади год.”, што не коинцидира со староста на Земјата од околу 4,5 милијарди год., утврдена со истата метода”.
Поради тоа тој ја оспорил радиоактивната метода за датирање, со забелешка дека таа “треба да се прекалибрира за да се вклопи во рамката на креационизмот”!?
Порационално е размислувањето на Пол Цимански (Paul Zimanski), археолог на Универзитетот (Stony Brook) во државата Њујорк. Тој вели: “Наодот на меѓународната евангелистичко-христијанска екипа може да се толкува и поинаку. На пример, тој може да бил светилиште конструирано од раните Христијани за комеморација на местото каде тие верувале дека треба да бил ковчегот на Ное”.
Но, најскептичен во својот став е Џек Сесон (Jack Sasson), професор за Еврејство и библиски студии. Тој укажува дека “ковчегот на Ное” е пронајден на погрешна локација. Имено:”Библијата кажува дека арката се приземјила некаде во Урарту, древно царство во источна Турција, но подоцна луѓето погрешно ја поистоветиле планината Арарат со царството Урарту”. Инаку, библиската приказна за тоталниот потоп и арката на Ное тој ја смета за алегориска приказна, а не за историски вистинска случка. Таа имала предупредувачка намена: “да го покаже сценариото според кое ќе биде казнето човештвото, ако не се одврати од неговите гревови”, дополнува тој.
Во голема мера е во право. Имено, науката точно го утврдила потеклото на оваа библиска приказна уште пред наводното “откритие на остатоците од арката на Ное”. Научните сознанија поврзани со легендите во Библијата се прецизно собрани и изнесени од страна на полскиот хроничар Зенон Косидовски (Zenon Kosidowsky) во неговата публикација “Библиски легенди”. Конкретно, приказната за тоталниот потоп и арката на Ное, според научните сознанија, всушност, е плагијат, земена е од митологијата на древните Сумери од еден многу постар извор (1700 год. пред н.е.), од епот за сумерскиот јунак Гилгамеш. Ова го обелоденил познатиот британски археолог Џорџ Смит (George Smith), протолкувачот на клинестото писмо на Сумерите. Имено, во тој еп има опис на ист таков потоп, со исти детали: казнување на луѓето поради нивните гревови, спасување на праведникот во арка, пуштање на гавран и гулаб, планина на која ковчегот запрел… само што сумерскиот “Ное” се викал Ут Напиштим и потопот бил дело на повеќе Богови.
Дека легендите често пати се поетизирана историја, се покажа и кај приказната за потопот. Имено, нејзината генеза ја открил англискиот археолог Лионард Вули (Leonard Woolley), пронаоѓачот на градот Ур, древната престолнината на Сумерите. Вршејќи археолошки ископувања на тој терен тој открил гробници на сумерските цареви од почетокот на третиот милениум пр.н.е. и цела ризница драгоцености. Сега следува најглавното. Под некрополата, тој наишол на слој од речен мил (нанес) дебел 3 m, без траги од човечки живот. Со геодетски мерења е утврдено дека највисоката кота на речниот мил лежи над нивото на околниот терен, што укажува дека целата таа околина некогаш била под вода.
Копајќи уште подлабоко под тој слој, повторно се појавиле траги на човечки населби: тули, керамика, пепел од огништа… Обликот и орнаментот на најдените керамички фрагменти покажуваат дека тие припаѓале на некоја сосем друга, непозната култура. Ваквиот распоред на пластовите и наодите може да се протолкува само вака: во времето пред Сумерите тој простор го населувала некоја непозната цивилизација, која била уништена од поплава од поголем размер, а кога водата се повлекла на тој простор се населиле Сумерите, најстарата позната цивилизација. Од дебелината на речниот мил научниците пресметале дека водата била длабока околу 8 m, доволно да ја покрие цела Месопотамија, а бидејќи тој простор за Сумерите бил “сиот свет”, потопот влегол во епот за јунакот Гилгамеш како “тотален потоп”. Подоцна од Сумерите “тоталниот потоп” го презеле Акадите, па Вавилонците и конечно Евреите, внесувајќи своја верзија во Библијата.
Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР