Од кога во 1990 год. е детектирана првата егзопланета, гасовит гигант од типот Јупитер, инструментите за набљудување перманентно се подобруваа, па астрономите беа во можност да детектираат сè помали егзопланети. Така во 2005 год. е детектирана првата “каменита” егзопланета, Gliese 876 d, која не припаѓа во категоријата “гасовит џин” од типот Јупитер, туку е мала со цврста површина.
Од кога во 1990 год. е детектирана првата егзопланета, гасовит гигант од типот Јупитер, инструментите за набљудување перманентно се подобруваа, па астрономите беа во можност да детектираат сè помали егзопланети. Така во 2005 год. е детектирана првата “каменита” егзопланета, Gliese 876 d, која не припаѓа во категоријата “гасовит џин” од типот Јупитер, туку е мала со цврста површина.
Нејзината маса е 7-8 пати поголема од масата на Земјата, па поради тоа е наречена “супер-Земја” (за споредба Јупитер има 318 пати поголема маса од Земјата).
Од тогаш до сега се детектирани вкупно дваесетина каменити егзопланети од типот “супер-Земји”, а во февруари 2009 год. екипата астрономи од европската мисија Корот го објавила своето најново откритие: најмала, научно потврдена карпеста егзопланета, т.е. планета со цврста површина од тип “супер-Земја”. Нејзиниот радиус е нешто помал отколку два радиуси на Земјата. “Тоа е најмал радиус на некоја егзопланета од сите досега откриени”, вели Жан Шнајдер (Jean Schneider) од опсерваторијата во Париз. Планетата е именувана со непоетично име Corot-7b, таа орбитира околу жолто-портокалова ѕвезда оддалечена 450 светлински год. од нас. Инаку, гледајќи од аспект на поддржување живот, планетата е безнадежна, бидејќи орбитира преблиску до својата матична ѕвезда, па најверојатно едната нејзина страна е постојано насочена кон ѕвездата, слично како што Месечината ја покажува само едната своја страна кон Земјата. Страната на Corot-7b насочена кон ѕвездата, мора да е екстремно жешка. Имено, пресметките покажуваат температура поголема од 1700°C, која ја стопила каменитата површина на планетата претворувајќи ја во море од лава, смета Шнајдер. Тој, исто така, смета дека планетата можеби има атмосфера од минерална пареа, која кондензира во форма на “лава-дожд” или “каменит снег” на ладната страна на планетата.
Сепак, ова откритие има големо значење, тоа навестува дека универзумот можеби изобилува со каменити светови, вклучувајќи и некои слични на нашиот во поглед на големината и температурата.
ПОТРАГАТА ПО “ВТОРА ЗЕМЈА” ПРОДОЛЖУВА
Во вкупниот биланс на досега детектираните “супер-Земји”, некои од нив се во планетарни системи многу слични на нашиот Сончев систем, т.е. помалите егзопланети орбитираат поблиску до матичната ѕвезда, а гигантските егзопланети орбитираат во надворешни орбити. Оваа структурална сличност, според астрофизичарот Ален Бос (Alan Boss) од Карнеги институтот во Вашингтон, упатува на убедување дека и овие егзопланети се исто така карпести, т.е. со цврста површинска обвивка. Врз основа на тоа, астрофизичарот Скот Годи (Scott Gaudi) од Државниот универзитет на Охајо, заклучува дека супер- Земјите се многу вообичаени планети во нашата галаксија. Имено, неговите пресметки покажуваат дека повеќе од 20% од ѕвездите имаат такви планети. Преведено во бројки, тоа изнесува околу 50 милијарди супер-Земји растурени по нашата галаксија Млечен пат.
Астрофизичарите претпоставуваат дека некои супер-Земји можеби содржат вода во вид на течен океан или мраз. Тоа може и да се провери, имено карпестите планети кои содржат вода имаат помала просечна густина на вкупната нивна материја отколку тие без вода. Просечната густина на егзопланетите може да се детектира со комбинирање на “транзитната” метода со методата “вобловање” (вибрирање). Поопширно за тоа види ЕМИТЕР бр. 1/2010: “Потрага по екстрасоларна Земја”.
Најгостољубива од сите досега откриени супер-Земји е Gliese 581 d, оддалечена 20 светл. год. Иако таа орбитира околу “слаба” ѕвезда од тип црвено џуџе, симулацијата индицира дека таа има атмосфера главно од јаглен двооксид, кој можеби ја задржува нејзината температура на износ доволно висок за да ја одржува водата во течна состојба.
Астрономите, исто така, се надеваат дека во догледно време ќе можат да ја анализираат и структурата на атмосферата на сите откриени супер-Земји. Главната улога при тоа ќе ја има JWST мисијата, планирана за старт во 2013 год. Методата се состои од анализа на светлински зрак од некоја далечна ѕвезда, кој поминува низ атмосферата на ексопланетата и при тоа некои негови компоненти се филтрираат од присутните супстанции во атмосферата, а спектралната анализа ги открива тие супстанции. Присуството на јаглен двооксид и вода во атмосферата се показатели дека планетата е можеби цврста и животна, додека присуство на кислород и метан во атмосферата се силни индикатори дека таа можеби е населена.
Очигледно астрономите ни најавуваат многу интересни откритија, ние треба само да причекаме.
Термини и кратенки:
Вжештен Јупитер – Егзопланета од типот гасовити џинови, вжештена бидејќи орбитира преблизу до својата матична ѕвезда.
JWST – кратенка за James Webb Space Teleskop, планиран за лансирање 2013 година.
Светлинска година – единечна мерка за должина во вселенски размер. Една светл. год. е должина која светлината ја поминува во текот на една година, движејќи се со брзина 299 792 458 m/s.
Црвено џуџе – тип поладна ѕвезда, која има маса приближно 1/3 од масата на Сонцето.
Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР