Сигурно името Rapp Motorenwerke GmbH не е толку лесно за препознавање, нели? Но, ако малку ги појасниме работите и нагласиме Bayerische Motoren Werke или BMW, тогаш станува малку појасно!
Сакајќи да и оддаде должно внимание на компанијата и на нејзиниот основач, Карл Фридрих Рап, младиот македонски дизајнер Дејан Христов претстави неколку компјутерски графики на концептот што го нарече BMW Rapp. Проектот е направен во чест на 100-годишнината на марката.
Овој двосед, кабриолет, има агресивен изглед, со заканувачки остра предна маска, отвори за воздух во предниот браник и доста ниско ветробранско стакло. Освен тоа, моделот има врати кои се отвораат наназад и карактеристичен заден дифузор. Покрај низата ретро елементи Rapp изгледа многу модерен,а доказ за тоа се дигиталните странични ретровизори и специјалниот подвижен ролбар.
За својот проект Христов коментира: „Основната идеја беше да ја опфати историјата на BMW – затоа овој прототип претставува сето она зад кое стои BMW како компанија.“
Текстот е објавен во соработка со АвтоПлус