Новото BMW X5 конечно и официјално

Откако се појавија неколку шпионски фотографии на екстериерот и ентериерот на новата BMW Х5, дојде моментот, кога Баварците го открија кросоверот во целост. Интересно е дека прво се најде само една фотографија во еден од форумите на фановите на брендот, по што производителот објави официјалната фото-сесија на возилото.

Од фотографиите се гледа дека во компанијата се одлучиле за еволутивен пат за развој на моделот. Тој ги задржал пропорциите на својот претходник, а промените се фокусирани главно на детали на кросоверот. Од нив се издвојуваат модернизираните фарови и испакнатите „бубрези“, кои се целосно во стилот на трендот кај последните модели на BMW. Позади пак гледаме нови светла и браник. Новото BMW X5 е со 29 mm подолго, 5 mm поширокo и за 14 mm пониско од својот претходник. Така неговите димензии се 4.886 mm должина, 1.938 mm ширина и 1.762 mm висина. Меѓуоскиното растојание останува исто како и кај досегашната генерација на машината – 2.933 mm. Промените во внатрешноста исто така не се радикални. Малку е „допрен“ мултифункционалниот управувач, а модифициран е изгледот на таблата со инструменти и централната конзола, во чија длабочини се „крие“ дисплеј.

BMW X5 од третата генерација е конструиран на нова платформа, која има многу заеднички компоненти со онаа на Серија 5. Инженерите на баварската компанија успеале да ја намалат тежината на теренецот за околу 150 килограми во споредба со оваа верзија. Коефициентот на аеродинамички отпор пак е сведен на 0,31.

Во прво време во палетата мотори место ќе најде познатиот 3,0-литарски дизел – xDrive30d, чија моќ е 258 КЅ. Ќе има и дизел – M50d M Performance, со три турбини, честцилиндерски мотор со моќност од 381 КЅ. Кај него забрзувањето од 0 до 100 km/h ќе изнесува 5.3 секунди. Бензинскиот агрегат ќе биде 4,4-литарски V8 со моќност од 450 КЅ (X5 xDrive50i), а се очекува и хибридна модификација која ќе се потпира на 3,0 литарски бензински мотор со две турбини и електромотор. Вкупната моќ на агрегатот ќе биде 340 КЅ и 450 Nm вртежен момент.

Сите верзии ќе се нудат со системот за погон на четири тркала xDrive, како и со 8-степен менувач. На крајот на годината се очекува и нова модификација со 2,0-литарски дизел со моќност 245 КЅ, кој за прв пат се појавува во овој модел. Моторот ќе е достапен во две верзии-X5 sDrive25d (само со заден пренос) и X5 xDrive25d (со погон на четири тркала). Тогаш треба да излезат и уште две верзии на моделот – xDrive40d и xDrive35i. Овие модификации ќе се нудат само за пазарот во Европа. Токму на Стариот континент, на салонот во Франкфурт во септември, ќе се одржи и премиерата на моделот.

Текстот е објавен во соработка со Авто Плус

- Реклама -