Левандовски го потопи Реал Мадрид, Борусија Дортмунд на чекор до финале

Борусија Дортмунд со фантастични 4-1 го победи Реал Мадрид во првиот полуфинален натпревар, Роберт Левандовски е херојот на Милионерите.

Реал Мадрид го снајде слична судбина како и Барселона, Кралевите со наведната глава се враќаат од Германија.

Борусија Дортмунд одигра уште еден фантастичен натпревар и сосема заслужено се радува на победа од 4-1 над фаворитот.

Роберт Левандовски е херојот на Борусија Дортмунд, полскиот репрезентативец ги постигна сите четири погодоци.

Резултатот беше отворен уште во 8. минута кога по асистенција од Геце, Левандовски постигна гол за водство на Борусија Дортмунд од 1-0.

Во 42. минута по еден дуел со Варан, Ројс падна во шеснаесетникот на Реал Мадрид, судијата сметаше дека нема пенал.

Во следната акција брза контра на Реал Мадрид, асистенција на Игуаин до Кристијано Роналдо кој го изедначува резултатот на 1-1.

Прочитајте и:  Тројца дефанзивци во плановите на Реал Мадрид за време на летниот преоден рок

Вистинското шоу на домаќините следуваше во вториот дел од натпреварот.

По само пет минути, Левандовски постигнува нов погодок и го враќа водството на Борусија Дортмунд.

Во 55. минута напаѓачот на Дортмунд реализира хет-трик и ја зголемува предноста на својот тим.

Десет минути подоцна, фаул од Чаби Алонсо врз Ројс, судијата покажа на белата точка.

Левандовски бие сигурно од пенал и ги поставува конечните 4-1.

Голема предност за Борусија Дортмунд по првиот натпревар, Реал Мадрид ќе има тешка мисија да ја надополни негативата и да се пласира во финалето на Вембли.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -