Премиерот на Русија, Владимир Путин, нареди државниот апарат во неговата земја, до 2015, во целост да се префрли од лиценцираниот софтвер, на слободен и бесплатен софтвер. Со документот кој има 25 точки, усвоен на 17 декември, се предвидуваат специфични чекори со кои безболно ќе се направи преодот во сите буџетски установи.
Секоја точка од документот точно ги определува чекорите што треба да ги преземат институциите задолжени за овој потфат. Така на пример, точката 5 го задолжува руското Министерство за комуникации да подготви софтверски пакети што ќе ги задоволат потребите на администрацијата, т.е. ќе понудат решенија за проблемите со кои се соочуваат компјутерските системи. Во пакетот влегуваат оперативните системи, драјвери и апликациски софтвер за серверите.
Додека точката 5 предвидува еден основен пакет, за сите институции, точката 20 наложува изготвување специфични софтверски пакети за секоја институција, кој ќе ги задоволи потребите на секоја од нив, одделно.
Секој чекор од овој план за преод кон слободниот софтвер е ставен во временска рамка, по фази, така што во 2015 година, целокупниот административен апарат ќе се збогува со лиценцираниот софтвер.
Русија се движи во оваа насока подолго време. Во 2008 година беше донесена одлука со која сите училишта мора да се префрлат на слободниот софтвер. Денес, оние училишта кои сакаат да користат лиценциран софтвер за своите компјутерски системи, истиот мора да го платат од сопствени средства.