Челзи, Фенербахче, Бенфика и Базел во 1/2 – финале од ЛЕ

По вчерашните реванш натпревари од четврт-финалето, Челзи, Фенербахче, Бенфика и Базел се пласираа помеѓу четирите најдобри во најмасовното европско натпреварување.
Челзи загуби со 3-2 на гостувањето кај Рубин Казан но победата со два гола предност на првиот натпревар беше доволна за ’Сините’ да се пласираат во следната рунда.

Гостите добро го започнаа натпреварот, по една долга топка на Лампард, Торес го лобуваше голманот на Рубин за предност на Челзи од 0-1.

Домаќините изедначија по пет минути игра во вториот дел, Маркано скокна највиско по една нафрлена топка од десната страна и го совлада Чех.

Во 55. минута Челзи поведе со 1-2. По едно двојно додавање помеѓу Мосес и Рамирес, репрезентативецот на Нигерија ја затресе мрежата на Рижиков.

Иако Рубин имаше само мали шанси за прогрес во полу-финалето, домаќините не се откажаа и одново стигнаа до изедначување преку еден од најниските играчи на теренот, Џокдениз, кој успеа со глава да ја затресе мрежата на Челзи.

Тимот од Казан потоа и поведе со 3-2 во 74. минута преку голот на Начо од пенал, но домаќините немаа сила за повеќе и на крајот мораа да се задоволат само со достоинствена победа над Челзи.

Фенербахче одигра 1-1 на гостувањето кај Лацио и се избори за прво полу-финале во европските настапи.

Лулиќ ги донесе ’Бјанкочелестите’ во водство од 1-0 по еден час игра, и ги подгреа надежите на домаќините дека ќе успеаат да ја надополнат предноста од два гола што Фенербахче ја оствари на првиот натпревар.

Сепак, Еркин ги урна надежите на Лацио во 73. минута. Турскиот репрезентативец биеше неодбранливо на првата статива и изедначи на 1-1, со што го стави тимот од Рим пред невозможна мисија да постигне три погодоци во завршните петнаесетина минути од средбата.

Прочитајте и:  Граѓаните на Базел сакаат Евровизија и покрај критиките од екстремната десница

Со ист резултат заврши и средбата помеѓу Њукасл и Бенфика.

Њукасл требаше да надополни негатива од два погодоци, домаќините беа на чекор до остварување на оваа цел откако поведоа со голот на Сисе во 71. минута и потоа силно притиснаа за посигнување на втор гол во завршните дел од средбата.

Но Бенфика успеа да одолее на притисокот и со погодокот на Салвио во првата минута од судиското надополнување ги реши сите дилеми околу патникот во полу-финалето.

Мошне интересен натпревар одиграа Базел и Тотенхем, шампионот на Швајцарија се пласираше помеѓу четирите најдобри екипи во Лига Европа дури по изведувањето на пеналите.

Демпси ги доведе гостите во предност од 0-1 во 23. минута, но Базел успеа да направи пресврт.

Домаќините најпрво изедначија на 1-1 преку Салах во 27. минута, а потоа на стартот на вториот дел поведоа со 2-1 со голот на Драговиќ.

Демпси по втор пат се запиша во листата на стрелците во 83. минута и го однесе натпреварот во продолженија.

И покрај тоа што Базел имаше играч повеќе откако Јан Вертоген доби црвен картон во 90. минута, домаќините не успеаа да постигнат гол во двете продолженија од по 15 минути, па пенал рулетот го одлучуваше патникот во полу-финалето.

Играчите на Базел беа посмирени во пенал серијата и со 4-1 заслужено се пласираа во следната рунда.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал.

- Реклама -