Реал Мадрид загуби на гостувањето во Истанбул, но се пласираше во полуфиналето од Лигата на Шампионите, Галатасарај со крената глава го напушта големото натпреварување.
Реал Мадрид со огромна предност од 3-0 отпатува на гостувањето кај Галатасарај во Истанбул.
Но Кралевите имаа многу мака во вториот дел од натпреварот, се најдоа во непријатна ситуација, но на крајот дојдоа до очекуваното полуфинале.
Галатасарај одигра натпревар со фантастично второто полувреме и достоинствено се опрости од Лигата на Шампионите.
Реал Мадрид поведе во 7. минута со погодок на Кристијано Роналдо, сомнителна ситуација, Португалецот можеби беше во офсајд.
Набрзо потоа Ди Марија пропушти фантастична можност да го зголеми водството на 2-0, голманот на домаќините одбрани.
Во 57. минута Ебуе со силен удар постигнува одличен погодок за израмнување на резултатот на 1-1.
Следуваше огромна шанса на Весли Снајдер која Холанѓанецот не ја искористи, но само неколку минути подоцна се поправи кога погоди за пресврт и водство на Галатасарај од 2-1.
Во 72. минута Дрогба постигнува прекрасен гол со пета и го зголемува водството на 3-1.
На Галатасарај му беа потребни уште два гола за да го елиминира големиот противник.
Уште еднаш се тресеше мрежата на Лопез, Дрогба постигна нов погодок, но од офсајд.
Конечните 3-2 беа поставени во 92. минута кога Кристијано Роналдо постигна нов погодок и го ублажи поразот на Кралевите.
По овој натпревар Мурињо ќе има што да им каже на своите фудбалери, Реал Мадрид одигра многу лошо второ полувреме.
Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал.