Американската компанија Jeep го откри новото Cherokee во Њујорк. Откако изминатиот месец го видовме предниот дел и офроуд можностите на овој модел, сега Американците го открија целосно.
Факт е дека надворешноста на моделот ќе побуди различни коментари, бидејќи конзервативната марка си дозволила доста раскошни форми на кои нејзините клиенти не се навикнати. Целта е да се привлечат нови фанови, што ги оправдува храбрите одлуки на дизајнерите. За иновативност во дизајнот заслуга има и италијанската марка Alfa Romeo. Барем така тврди весникот Wall Street Journal, кој посочува дека дизајнот на Cherokee бил првично создаден за SUV моделот на Alfa Romeo, но поради политиката на споделување помеѓу Fiat и Chrysler, со него е декориран американскиот претставник.
Потсетуваме дека не само формите на Cherokee се европски, но и голем дел од техниката. Моделот е базиран на платформата на Alfa Romeo Giulietta, која се користи и од Dodge Dart. Автомобилот има погон на сите четири тркала со неколку различни режими (веројатно ќе има и верзии само со преден) и секако заслужил да го носи амблемот Trail Rated на Jeep (така брендот ги означува моделите кои царуваат надвор од асфалтот).
Jeep Cherokee ќе се нуди во неколку различни верзии, наречени Sport, Latitude, Limited и Trailhawk. Што се однесува до моторите , тие ќе бидат четири. Два се бензински – 2.4 и 3.2 и два дизел – 2.0 и 3.0 литри. Тие ќе бидат опремени со единствен за сегментот автоматски менувач со 9 степени на пренос.
Текстот е објавен во соработка со АвтоПлус.