Блогираме.мк е првиот македонски агрегатор на блогови. Идејата зад овој проект е да се соберат содржините од блоговите на македонски јазик на едно место, за читателите да имаат полесен пристап до алтернативниот извор на информации. Еден од идејните творци на Блогираме е нашиот автор, Дејан Велкоски, кој ќе ни каже нешто повеќе за новиот сервис во македонскиот интернет простор.
Како се роди идејата за ваков сервис?
Состојбата на медиумскиот простор во Македонија, а особено случувањата во летото 2011, ја потенцираа потребата од алтернативни и независни извори на информации. Од друга страна, во земјава, речиси секое домаќинство веќе има пристап до итнернет, а со тоа и потенцијалните автори на блогови, информации, ставови, критички текстови, уметнички дела итн. е многу поголем. Се случуваше постојан раст и на понудата и на побарувачката, но забележливо беше дека владее одреден хаос во виртуелниот простор, т.е. читателите не секогаш можеа да ги најдат новите и квалитетни блогови и обратно, новите автори тешко се пробиваа до публиката. Блогираме.мк настана како своевиден посредник помеѓу овие две групи интернет корисници.
Кои беа првите чекори од идеја кон реализација?
Неколку луѓе со идеи кои со малку труд можеа да се реализираат, седнаа на заедничка маса и се договорија дека најдобрата форма за остварување на идејата би била да се направи агрегатор. Платформите за блогирање можеби изгледаат попримамливо, но бараат далеку повеќе ресурси, а и никој од блогерите кои блогираат подолго време не би сакале да се откажат од својата автономија. На овој начин, сите содржини повторно се влечат на исто место, а секој и натаму си е засебен ентитет.
По што е овој агрегатор различен од остантите?
Овој агрегатор се издвојува од другите бидејќи е создаден од заедницата и е наменет за заедницата. Се потрудивме да обезбедиме своевидна арена во која ќе може да се бијат битки со идеи, наместо со други, непожелни средства. Затоа беше оставено сите автори сами да ги пријавуваат своите блогови, наместо тие да бидат собрани од тимот, со што авторите ќе потврдат дека се сложуваат да влезат во оваа „арена“, да придонесат, да се спротистават, да остават свој печат. Ги охрабруваме сите автори да ги споделуваат своите содржини преку копчињата за споделување на сервисот, бидејќи со тоа си го зголемуваат рангот на агрегаторот, следствено на што подолго се задржуваат во делот на најчитани постови, со што, на крајот добиваат и повеќе читатели.
Која е најголемата придобивка за читателите?
Свесни сме дека секој има различен вкус и можеби не сака да ги чита сите блогови. Затоа, постои опција, преку едноставно креирање корисничка сметка и логирање, да си создадете своја, персонализирана листа на блогови и секогаш кога сте логирани, да ви се појавуваат единствено новите содржини од тие блогови. Корисничката сметка, исто така, ви дава можност да им давате „ехо“ на постовите, со што ги туркате уште погоре на листата на најчитани. Во моментов интензивно се работи на средување на категориите, а подоцна ќе се појават и некои нови поволности за читателите, но не би сакал да зборувам пред рака.
Каков е планот за иднината?
Овој проект е специфичен по тоа што постојано се развива. Насоката ја одредуваат корисниците, како автори, така и читатели. Тимот е отворен за сугестии, поплаки и пофалби, бидејќи на крајот, важно е македонската интернет заедница да биде задоволна. Затоа, насоката во која ќе отиде проектот ќе биде примарно одредена од корисниците. Секако, најважно од сè е да Блогираме!